Отворање на 8. Вечери на женски права

Сподели

Со проекција на документарниот филм „Сибирска љубов“ во режија на Олга Делане од Русија, вечер во кино „Фросина“ официјално ќе биде отворена осмата манифестација Вечери на женски права.

Оганизацијата е на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) под покровителство на Град Скопје и во соработка со UN Women. Манифестацијата ќе се одржува до 9 март и ќе опфати работилници, проекции на филмови и дебати кои ќе се одржуваат во МКЦ.

На вечерашното отворање ќе гостува и режисерката Делане, а покрај неа, гостинка на Вечерите ќе биде и хрватската режисерка Андрејка В. Скрачиќ, чиј филм – „Срцето на жената“ ќе биде прикажан на 8 март.

Филмската програма опфаќа уште два документарца, чија цел е да поттикнат критичко размислување за улогата на жените – „Ада за градоначалничка“ во режија на Пау Фаус од Шпанија (7 март) и „Мировна агенција“ копродукција на САД и Индонезија на режисерката Сју Усеем (9 март). По проекцијата на овој филм, во кино „Фросина“ ќе има дебата „Улогата на жените во обединување при криза“, со која ќе бидат затворени годинашните, осми Вечери на женски права.

Со поддршка на Шпанската амбасада, утре во МКЦ ќе има предавање „Бизнис-кафе – женски стратегии при справување со криза“, на кое ќе говорат Маријана Перковска – сопственичка на компанијата „Санда“, Рената Наумовска од филмското студио за визуелни ефекти Fx3x и Александра Дилевска од „Публицис“, а на последниот ден од манифестацијата (9 март) работилница ќе организира Македонската асоцијација за трансакциона анализа, на тема „Доврши ја реченицата: ’Би бил/а богаТ.А. само доколку сум…’“.

Покрај креативните работилници, тематските дискусии и филмовите кои ја прикажуваат улогата на жената во општеството и нејзините права, утревечер во Музеј на Град Скопје ќе биде организирана и 4. Меѓународна ликовна изложба, насловена „Нераскажаните приказни на суперхероини“, на која ќе учествуваат десет авторки – шест од Македонија, две од Србија и по една од Црна Гора и од Косово.

На самиот Ден на жената, 8 Март, Македонија ќе се приклучи кон глобалната кампања „Економското јакнење на жените во менливиот свет на работата“ преку јавни настани и перформанси кои ќе се одржат на плоштадите „Македонија“ и „Карпошово востание“ и во паркот „Жена-борец“, изложба на ракотворби во „Даре Џамбаз“ и други настани што ќе ги реализираат повеќе невладини организации и активист(к)и за женски права.

Манифестацијата почна викендот со претпрограма и неколку работилници – за јога, за фотографија (за млади од 8 до 18 години), стрип-работилница, јога за смеење, страв од породување, работилница за сценарио (за деца од 8 до 12 години).

Овој настан нуди алтернатива во прославувањето на Меѓународниот ден на жената 8 Март.