Отворен меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето“

Сподели

ohridsko-leto

Со настапот на оперската дива Елина Гаранча од Латвија, во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет и австрискиот диригент, маестро Ион Марин, синоќа на сцената на Античкиот театар беше отворено 56. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Публиката го исполни гледалиштето за што од изведувачите за возврат доби беспрекорни изведби на музичките дела од композиторите Глинка, Чајковски, Масне, Сен-Санс, Гуно, Бизе, Чапи, Лара и Пучини.

На свеченото отворање на фестивалот, говореше неговиот покровител, претседателот Ѓорге Иванов, кој и го прогласи за отворен.

– Во време кога над светот се надвиснати темни облаци, уметноста е како продорен зрак светлина. Овој зрак ја осветлува скриената убавина што извира од длабочината на човековото срце. Истовремено, овој продорен зрак на уметноста нè упатува и кон она што е скриено зад облаците, а тоа е вечниот извор на светлината и на животот. Уметноста ја изразува надежта дека бурата ќе мине, облаците ќе се распрснат, ветриштата ќе се смират и дека ќе нè огрее светлината по која копнееме – порача Иванов.

Традиционална уметничка порака на фестивалот ја упати диригентот, маестро Саша Николовски-Ѓумар.

– За сите учесници, древниот Охрид ќе им претставува инспирација, каков што по некој случај му бил и на Климент пред единаесет и пол века, за да ги изгравира своите слова, да ја создаде нашата култура и писменост. Должни сме да ја пренесеме нашата писменост на нашите поколенија, а тие на нивните  – нагласи маестро Ѓумар.

Во наредните 40 денови, културната и музичка сцена во Охрид ќе пулсира со настапите на повеќе од 600 музички уметници, актери и ликовни уметници.

Програмата на фестивалот „Охридско лето“ кој ќе трае до 20 август, предвидува преку 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска ризница на „Вардар филм“.

Селекторите – Гордана Јосифова Неделковска (музички дел) и Ѓорги Јолевски (драмски), најавија дека годинешното „Охридско лето“ ќе биде издание на ѕвезди, спектакуларни настани и на културни збиднувања, кои ќе зрачат со својата оригиналност.

meta.mk