Отворена манифестацијата “Денови на култура во општина Илинден 2023”

Сподели

 

Со одржување на низа настани во Домот на култура Илинден започна традиционалната 24-тата манифестација Денови на култура во општина Илинден”, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија. Во духот на официјализирање на соработката меѓу Општина Илинден и Друштвото на писателите на Македонија, угледната манифестација започна со подновен концепт.

Во духот на соработката и пријателство меѓу Општина Илинден и ДПМ, започна трибината под наслов „Идентитетот како книжевност, книжевноста како идентитет“ на којашто учествуваа еминентни писатели и литературни критичари: проф. д-р Христо Петрески, Претседател на ДПМ, Ефтим Клетников, проф. д-р Гоце Ристевски, а модератор на трибината беше проф. д-р Кристина Николовска. Трибината отвори серија важни прашања за кои писателите, интелектуалците како авангарда на општеството изнесоа свои ставови. Беше истакнато дека е потребно да актуелизираат важни теми на нашето сега и овде, но и теми кои се од суштинско значење за нашиот идентитет, опстој и афирмација.

Во рамки на манифестацијата се одржа креативна работилница „Имагинарница” на тема „Како се создава литература за деца и млади ” со учество на писатели на ДПМ и ученици од основните општински училишта од општина Илинден. На големо задоволство на учениците се одржа и  традиционалното Литературно матине за деца ,,Пролетно поетско будење на Илинден”, на кое учествуваа истакнатите македонски писатели за деца и млади, како Горјан Петрески, Ели Маказлиева, Мито Спасовски, Перо Миленковски, Васил Мукаетов, како и Христо Петрески.

 По повод  Меѓународната Литературна манифестација Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на тема ,,Творам за Илинден” за учениците од општинските основни училишта, при што на Литературното матине за деца беа прочитани и наградените песни, а на учениците градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски им доделени пригодни награди.

Дел од манифестацијата беше и отворањето на ликовна изложба на Леетив Намдаг Жанчивин, Конзул на Монголија во Република Македонија, со наслов ,,Современа Монголска калиграфија во графика”, каде љубителите на ликовната уметност имаат можност да погледнат околу 30-тина уметнички дела. Изложбата ја отвори градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, а за уметникот и неговото уметничко творештво говореа академскиот уметник Новица Трајковски, универзитетскиот професор и академски сликар Димитар Малиданов, како и  Александар Ристевски, етнолог културен работник во Националниот музеј на Македонија. По завршувањето на изложбата настапија и членовите на  Ансамблот за народни песни и игри ,,Илинден”  како и  бендот ,,Етно состав Илинден”.

Централниот настан на манифестацијата, поетската вечер ,,Нашинска, татковинска” посветена на современата македонска родољубива поезија  ќе се одржи денес 17 мај, со почеток во 19.00 часот, а ќе настапат повеќемина реномирани македонски поети. Свој настап ќе има и Ансамблот за народни инструменти и песни ,,Стефче Стојковски”.