Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, составен од судиите Владимир Панчевски, како претседател на судот, и судијките Дијана Груевска-Илевска (заменик-претседател на судот н.з.) и Љубинка Башеска (судијката во случајот „Пуч“ н.з.), вторпат одбил да издаде наредба за да може Специјалното јавно обвинителство да изврши претрес на компјутерските системи во еден од телекомуникациските оператори во врска со случајот „Таргет“, соопшти попладнево СЈО.
Судија на претходна постапка еднаш веќе го одби барањето на СЈО за издавање налог, а ваквата одлука ја потврдил и Кривичниот совет, откако Специјалното јавно обвинителство поднесе ново барање за издавање налог за претрес.
Од СЈО велат дека судот и овојпат имал исто образложение зошто не издава налог за претрес, односно дека барањето на Специјалното јавно обвинителство, наводно, е нејасно и непрецизно, иако, како што информираат од кабинетот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во него јасно било наведено дека „се бараат компјутерски податоци складирани во сервери, а кои се однесуваат на записи од кои може да се утврди кои сè телефонски броеви биле предмет на следење на комуникациите“.
„Исто така, за судот е нејасно како ова јавно обвинителство ја утврдило локацијата на серверите, иако во јавноста веќе беше објавено дека ваквите податоци се обезбедени токму од телекомуникацискиот оператор. Во оваа насока сакаме да истакнеме дека судот тврди дека уредите за кои е побаран претресот „се сервери кои се преносливи, односно се уреди кои можат да ја променат својата моментална локација“, без да каже на кои докази го базира ваквиот став. Потсетуваме дека претходната наредба за пребарување на компјутерски системи беше одбиена токму поради нејзина наводна непрецизност околу локацијата на серверите на кои е потребно да се изврши претрес, па нејасно е зошто судот го менува ставот околу потребата од дефинирање на локацијата каде се наоѓаат серверите“, стои во соопштението од СЈО.
Кривичниот совет во ист состав ја одбил како неоснована и жалбата на СЈО против решението на судијката на претходна постапка Елена Јосифовиќ, со кое беше одбиено барањето на СЈО за одземање на компјутери од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Инаку, Јосифовиќ е судија на претходна постапка во случајот „Трезор“ во кој осомничени за незаконска набавка на опрема за УБК, се поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, ексшефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, и Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер во МВР.
„Напомнуваме дека согласно член 41 од Законот за кривична постапка, заради остварување на функцијата на кривично гонење, јавниот обвинител е оној кој раководи со предистражната постапка, а согласно член 291 од истиот закон, истражната постапка ја спроведува исто така јавниот обвинител. Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека од страна на судии во истиот суд веќе се издавани наредби за одземање предмети и за пребарување во компјутерски системи по однос на истиот предмет на истражување, нејасно е зошто речиси без исклучок се одбиваат барањата што ова јавно обвинителство ги упатува, а по кои постапуваат споменатите судии“, велат од СЈО, од каде додаваат дека едното решение било донесено на 29 ноември, а другото вчера, на 1 декември 2016 година, но двете биле доставени денеска, со што „се повторува практиката на судот, доставата на одлуките со кои се одбиваат барањата на ова јавно обвинителство, најчесто да се врши во петок“.
Од Специјалното јавно обвинителство, исто така, информираат дека сè уште не го добиле записникот од подготвителното рочиште за судењето за случајот „Тврдина 2“, кај судијката Лидија Петровска, а во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. Тој и уште шестмина негови колеги се товарат дека ја уништиле документацијата поврзана со системите од незаконското прислушување.
СЈО го чека записникот за да може да испрати барање за дозвола од УБК за декласификација на доказите во предметот. Ова му беше наложено на СЈО од страна на судијката Петровска на подготвителното рочиште што се одржа во понеделникот оваа недела.