КОВИД-19 може да не научи битни лекции за животот – дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје. Ако таа грижа подразбира одржување дистанца и затворена капија – едно од седумте соседски гревови – тогаш така треба да биде!
Пандемијата со КОВИД-19 е појава без преседан во човечката историја. Епидемии и пандемии имало и ќе има и се разбира тие влијаеле на историјата на одредени региони од светот, но сегашната пандемија влијае суштински на целиот свет. Од здравствена гледна точка, дури и најбогатите земји (како Италија и Шпанија) со силни здравствени системи и загарантирана долговечност на жителите беа тестирани на непредвидливи начини и паднаа на испитот. Се разбира, тие научија од грешките и со помош на постојано, бројно и ефикасно тестирање ги намалија бројките на заболени, а со тоа и на жртвите.
Светската економија исто така доживеа неколку шокови, институциите кои зависат од јавни настапи претрпеа загуби, како и вработените во нив. Но, со внимателно разгледување на решенијата, дури и кај нас животот полека се врати во новата „нормала“. Се воведоа протоколи на работните места, како и на местата кои подразбираат собирање на повеќе луѓе, како во културата. Но, што понатаму?
Се разбира, летото е период кога луѓето гледаат да излезат од дома, да престојуваат на отворен простор и да ги „наполнат батериите“ за зимата. Во овој случај, тоа полнење батерии може и да е буквално точно, според студиите за значењето на витаминот Д за имунолошкиот систем. Западните доктори препорачуваат високи дози Д витамин (и до 5.000 ИЕ), дури и во летниот период, додека, до неодамна, дози поголеми од 1.000 ИЕ се сметале за опасни поради создавање калцификати во телото. Кој имал дете знае дека му било препорачувано по капка Вигантол зимно време и во летно време само изложување на сонце. Со најновите истражувања на поврзаноста на автоимуните болести со недостаток од витаминот Д, јасно се гледа врската помеѓу имуниот систем и витаминот Д кој го има во минимални количини во храната, од каде потекнува потребата од дополнително вештачко земање на овој витамин.
Се што набројавме може да помогне секој човек на индивидуално ниво да се справи со кризата, ако ништо друго да си даде поголема шанса. Но, што можеме да направиме колективно? Сами не можеме да правиме тестови и за тоа е должна државата, да набави машини кои прават и до 10.000 тестови наеднаш, како во случајот на Северна Италија (пред се Ломбардија и Венето) кои беа најпогодени за време на кризата, а денес тој регион од 5 милиони жители дневно има и до 30 пати помалку заболени од Македонија. Постојат и други решенија за тестовите, како што се брзите и евтини тестови кои државата треба да ги обезбеди. Така ќе се направи навремена изолација и спречување на ширењето на болеста.
Според Владимир Карер, уредник и странски дописник од Италија на порталот Арно.мк, во Северна Италија во кафулињата и рестораните на гостите им се даваат формулари за „следење на контактите“. „Државата сериозно ја сфати работата и кога ќе фатат некој позитивен, прават и до 300 тестови за еден заболен. Тука се опфатени роднини, пријатели, колеги на заболениот и сите (и до 70 луѓе) ги ставаат во карантин две недели, независно од тоа дали се позитивни или негативни на тестовите.“
Извор: 24sata.hr
Како да одржиш друштвена дистанца во земја каде тоа се смета за некултурно?
Според бројките на заболени во Македонија, повеќе од очигледно е дека во првичниот период ние забележавме успех од една и едноставна причина – карантин. Полицискиот час беше се уште во полна сила и луѓето држеа повеќе дистанца. По завршувањето на тие мерки, бројките нагло рипнаа и се уште се во полн ек. Зарем тоа не е доволна причина да се помислиме за успехот на изолацијата?
Научните студии тврдат дека изолацијата е се уште најдобар начин за спречување на ширењето на болеста. Многу логично, ако не излегувате, помалку ќе бидете во опасност и за себе и помалку ќе ги изложувате на опасност другите, ако вие сте заразени, а не знаете.
Се разбира, во се треба да се најде баланс. И изолацијата, седењето дома во осамување, во застојан воздух и без физичка активност, не е добро. Сето тоа го слабее телото и имуниот систем. Се чини логично дека излегувањето од дома, доколку престојувате на отворен простор и носите маска ако влегувате во интеракција со други луѓе, ве изложува вас и другите на мала опасност, а од друга страна ви дава прилика да се придвижите и да дишете почист воздух од домашниот.
Од друга страна, ако морате да престојувате во затворен простор со други луѓе, неопходно е да се држат отворени прозорци, да не се користи клима зашто таа ги циркулира честичките во затворен круг и ја зголемува можноста од ширењето на вирусот ако е присутен во просторијата и секако, да се држи дистанца.
Во нашата средина, сепак луѓето се соочуваат со неколку проблеми кои ги доведуваат во опасност. Лично сум бил сведок, а верувам и многу други луѓе, на ситуации во кои луѓето кои сакале да држат дистанца, да не зборуваат од блиско растојание со друг, да отворат прозорци или да исклучат клима во затворена просторија, биле исмевани.
Тука најчестите коментари на оној кој не ја симнува маската од лицето се саркастичното: „Ги почитуваш мерките на владата, а?“, небаре грижливиот човек е овца која прави се што ќе му кажат, наместо да размислува со своја глава и да ја симне маската од лицето – под брада или по најновата „корона-мода“ на лактот. Други коментари се: „Од мене ли се плашиш,“ или „го гледам човекот, здрав е“, како болните да носат знак на чело, а не способност да заразат стотици други, особено ако се асимптоматични, а знаеме дека ги има. Ако отворите прозорец во затворена просторија ќе ви речат дека ги „убива промаја“, а ако ја исклучите климата ќе ве обвинат дека сакате да ги „сварите“.
Заклучокот е дека оној кој се грижи за сопственото и за здравјето на другите е слаб и плашлив човек со тенденција за садизам, нешто што е спротивно на еден народ кој се гордее со својата гостипримливост и дружељубивост. Ако одбиете пијалок, вие сте некултурни, зашто подарок не се враќа, но може скапо да се плати! Следејќи ја истата логика, носењето маска не значи дека се криеме пред другите, туку дека се грижиме за себеси и за нив.
Што може и што треба да се направи?
Додека не се намалат бројките, треба да се направат две базични нешта. Како прво, владата треба да обезбеди и да прави многу повеќе тестови. Да се присетиме дека илјада тестови не значат илјада луѓе и дека секој позитивен човек мора да биде тестиран 4 пати, како што прават на Запад, при што најчесто е два пати позитивен и два пати негативен, за разлика од нашите стандардни три тестови. Секоја земја која успешно се справила со епидемијата правела многу повеќе тестови од Македонија.
И, како второ, ние самите треба да се грижиме за сопственото здравје и да бидеме доволно грижливи кон другите – кога излегуваме да држиме дистанца, кога мораме да бидеме во контакт со други луѓе да се погрижиме просториите да бидат проветрени, да не ја симнуваме маската под носот или под брадата, зашто така маската ја губи функцијата, да се поздравуваме со лакт, а не со рака итн. Но, пред се, да се погрижиме да не ги задеваме и да не им се лутиме на тие кои се внимателни и ги прават сите тие нешта, туку да ги охрабриме и бодриме. Во крајна линија – грижејќи се за себеси, тие се грижат и за нас!