Охридско лето, ПАРЧЕ ДУША – Љупчо Тодоровски -Упа, предворје на Св.Софија, 10.август
Со години изведуван ширум Македонија проектот стана препознатлив, а Упа, некако природно се врзува, се поистоветува со Блажe Конески.
Насекаде наидува на искрена човечка возбуда и благодарност, неретко доведени до по некоја солза. И точи мир. Мир и спокојство во душата.
„Парче душа“ е метафоричен приказ на еден човечки живот испреплетен со историјата на нашата татковина. Сликослед од крајолици, луѓе и настани од нашиот, македонски живот…Но пред сѐ и над сѐ, најважното, тој е – изблик на чувства! Чувства! И душевни состојби…
Тука ќе ги „видите“: епските Марко Крале, Св. Спиридон и Болен Дојчин; Тешкото и Стерната. И нежните Виј, Круша, Пресадување… Ангелот на Св. Софија, Убавите жени, Нежност…па Тетин Ристе, Белата тетка…и ќе ја доживеете својата и душата на својата татковина!
Блаже ми е како отсекогаш. Кога не ќе сум можел да се изразам себеси – сум го говорел него. Затоа што, како и секој гениј, неговото дело го доживуваме како да се однесува за нас, и само за нас. Го доживувам, живеам и ќе го имам за – до секогаш. Како јас, самиот себеси. И го преточувам преку себе во гледачите. Го болам и воскликнувам за секој од нив посебно и за сите нас заедно…
Љупчо Тодоровски Упа
Љупчо Тодоровски Упа
Чувството на возбуда, одговорност и потреба да се комуницира со другите како актер, да се сподели нешто длабоко лично а истовремено општо и сечие, тоа чувство дека може да расветли еден од многуте погледи и доживување на светот не го напушта ниту сега, десетлетија од првото соочување со публиката на 13 години…
Покрај актерство, се бави со театарска режија, филмска и ТВ продукција и пишување на сценарија… Глумел на 8 јазици во над 30 филмови и ТВ серии, има петнаесетина театарски режии, десетици и десетици улоги во проекти и театарски куќи низ цела бивша Југославија и безброј разни, други сценски настапи.Воден од творечкиот немир на двапати по десетина години работи во Белград и Љубљана. Сѐ до денес успева да опстане како слободен уметник и да го задржи привидот на поголема лична и творечка слобода…