Парк на Франкофонија добива паметно осветлување

Сподели

Од Паркот на Франкофонијата започна инсталирањето на Тип 3 светилките кои се дел од паметното осветлување на јавни површини во Општина Центар. Овие светилки имаат различен и декоративен дизајн и истите ќе бидат инсталирани во паркови, шеталишта, основни училишта, градинки и на други локации. Од Тип 3 светилките ќе бидат инсталирани 715 парчиња со моќност на светилка од 34W. Градоначалникот Горан Герасимовски појаснува дека новите ЛЕД светилки немаат еколошки штетни материјали, немаат UV зрачење, имаат висок и предвидлив животен век, намалена потрошувачка на електрична енергија, висока светлосна ефикасност, одличен индекс за рендерирање на бои, лесни се за рециклирање, помалку привлекуваат ноќни инсекти и се отпорни на вибрации и удари.

„Со инсталирањето на паметното јавно осветлување се покажа дека Општина Центар е носител на иновации кои носат бенефити на граѓаните. Со новото осветлување општината ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем. Ова лед осветлување со технологија за автоматско димирање односно подесување на светлината следејќи го заоѓањето на сонцето не само што носи заштеди туку и нови инвестиции кои ќе произлезат од тие заштеди“, порачува Герасимовски.

Герасимовски информира дека Тип 3 светилките ќе бидат инсталирани на споредни и резиденцијални улици, како и во паркови, шеталишта, градинки и училишта. Инсталирањето на паметното осветлување го прави А1 Македонија и истото ќе се одвива етапно според урбани заедници.