Павловска-Данева за разрешувањето на Дамева од Судскиот совет: Сите молчат!

Сподели

 

На седница на Судскиот совет потпретседателот Адеми побара претседателката Весна Дамева да биде разрешена, бидејќи го криела писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер и не им го давала на членовите.

Потпретседателот Адеми ја стави точката за разрешување на дневен ред и истата беше изгласана. За разрешување на претседателката на Судскиот совет гласаа и Миљазим Мустафа, Мирсад Суроји, Ханиф Зендели, Лорета Георгиева, Павлина Црвенковска и Сашко Георгиевски.

Во писмото што американската амбасадорка го испрати до извршната и судска власт се изразува загриженост и разочарување околу големиот број предмети, што Апелација ги враќа на повторно судење, поради што во меѓувреме застареа дел од предметите кои се водеа против дел од обвинетите. Ова во изминатите недели се случуваше со пресудите против поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Од Судскиот совет најавија дека денеска во 11:00 часот ќе се одржи седница за избор на нов претседател. Весна Дамева беше избрана за претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска во декември минатата година.

Професорката на Правниот факултет, Ана Павловска Данева, во објава на Фејсбук, коментира дека Дамева е разрешена спротивно на Закон и деловник.

 

 
“Денес потпретседателот на Судски совет и го одзеде зборот на претседателката на Советот и продолжи да ја води седницата, па ја разреши спротивно на Закон и Деловник.
Сите молчат!
Утре може да се случи првиот (или вториот, третиот…) вицепремиер да му го одземе зборот на премиерот и да продолжи да ја води Владата!
Сите пак ќе молчат! И него ќе го пуштат низ вода. Битно нивните функции, паушали, хонорари да останат нечепнати”, напиша Данева.