Иранскиот пејач Мехди Јарахи е осуден и веќе казнет со 74 удари со камшик, како дел од спогодбата за прекин на кривичната постапка против него, заради тоа што тој зборувал против строгиот кодекс на облекување на жените во земјата.
Јарахи беше осуден за противзаконското објавување песна, во знак на протест, наречена „Твојата шамија“, и тоа на првата годишнина од протестите под наслов „Жени, живот, слобода“.

Неговата условна казна и кауцијата од 15 милијарди ирански томани (речиси 330.000 евра) – платена од трето лице, зависеа од неговото камшикување, коешто беше извршено оваа недела.
„Подготвен сум да ја прифатам казната од 74 удари со камшик и иако ја осудувам оваа нечовечка тортура, не барам таа да биде поништена“, напиша пејачот на „Икс“.
Веста за камшикувањето предизвика бес на интернет. Се огласи и добитникот на Нобеловата награда за мир, Наргес Мохамади.
„Извршувањето на казната со камшикување на Мехди Јарахи е одмазда за неговата поддршка за жените во Иран. Камшикувањето на телото на Мехди е камшик за гордите, издржливи жени од Иран и процутот и моќната душа на движењето ‘Жени, живот, слобода’,“ напиша нобеловецот на „Инстаграм“.
Во 2024 година, иранското правосудство осудило најмалку 131 лице на вкупно 9.957 удари со камшик, според тамошните невладини организации.
