Харкивскиот регион минатата ноќ се соочи со најинтензивно гранатирање од почетокот на руската инвазија врз Украина. Во нападите се погодени станбени објекти, при што животот го загубија најмалку девет цивили, а 35 лица се повредени меѓу кои и три деца, пренесува Укринформ.
Во неколку наврати од 21:30 часот вечерта до рано утринава, извршени се ракетни напади од руските сили врз градовите Харкив, Краснохрад и други населени места во овој регион. Покрај куќи, погодени се и станбени згради, каде што живееле и најголем дел од загинатите и повредени граѓани. Спасувачките екипи и понатаму работат на терен, а украинските власти го оквалификуваа нападот како терористички чин од страна на Русија.
Непрекинатото гранатирање од руските сили продолжило изминатото деноноќие и во Донецкиот регион, при што загинале најмалку тројца цивили и дополнителни шест лица биле повредени, јавува Укринформ. Во гранатирањата на градот Никопол во Днипропетровскиот регион е повредена една жена, а оштетени се 15 куќи, училиште, продавница и автомобили.
Во Украина денеска пристигна генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш за да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лвив. На средбата ќе присуствува и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Гардијан. Покрај извозот на украинското жито по поморски пат, на средбата ќе се дискутира состојбата во нуклеарната електрана во Запорожје и потребата од пронаоѓање политичко решение за војната. Гутереш утре ќе го посети и пристаништето во Одеса./Мета.мк