Пендаровски: Наместо паника потребна е претпазливост за коронавирусот и да спречиме епидемија на лажни вести

Сподели

 

„Ова покажува колку е голема солидарноста на шпанскиот Парламент, министерката за родова еднаквост е заразена со вирусот, а во самоизолација е и вицепремиерот на шпанската Влада. По ова на 17-ти, очекуваме само уште потпис од шпанскиот крал. Јас на мојата неодамнешна куса средба со него во Ерусалим добив директна потврда и еден вид гаранција дека тоа ќе биде завршено практично во истиот ден кога ќе стигне за потпис во неговиот Кабинет. За жал, поради коронавирусот ние не можеме да го организираме настанот со кој сакавме на еден симболичен начин да се покаже нашето практично пристапување кон НАТО Алијансата. На 23-ти овој месец веќе имавме договорено настан во американскиот Стејт Департмент, каде што требаше да ни биде домаќин државниот секретар Мајк Помпео во присуство на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг и висока делегација од тука, за да го депонираме пристапниот протокол. И во оној момент кога физички го депонирате тој пристапен протокол во државата и во институцијата која практично е домаќин на организацијата, станувате полноправна членка. На крајот на овој месец и почетокот на следниот се предвидува слична една свечена манифестација во седиштето на НАТО со кревање на македонското знаме како 30-та земја членка, меѓутоа тоа повторно ќе зависи од состојбите со коронавирусот, бидејќи Белгија е исто така во групата на високо ризични држави“, рече претседателот Пендаровски.

 

Претседателот посочи дека во Брисел се завршени координациите на членките на ЕУ и дека според негови информации Северна Македонија и Албанија ќе добијат датум за преговори на 26 март. Идната недела се најавени посети на претставници од Брисел да ни соопштат детали околу процесот.

Во врска со состојбата со коронавирусот дома, претседатателот Пендаровски рече дека негова оценка за досегашното постапување на надлежните институции, која ја заснова на разговорите со директорот на СЗО за Европа е дека нашата земја се справува најдобро во поширокиот регион во однос на брза и ефикасна имплементација на препораките на СЗО. Тоа, рече, не значи дека работата е завршена, тоа значи само дека до овој момент со превземените мерки на министерството за здравство и на другите надлежни институции само е спречено ширењето на епидемијата.

Во однос на стоковите резерви, претседателот Пендаровски рече дека нема простор за загриженост, има доволно залихи и доколку се усложни состојбата со коронавирусот.

„Сите овие мерки кои надлежните институции ги предлагаат ќе бидат без ефект ако не дојдат до оние на кои им се наменети, значи до граѓаните, и во тој дел вие медиумите имате двојна улога, и самите како граѓани на оваа земја да се придржувате до нив, меѓутоа и да апелирате до сите останати да се придржуваат до мерките“, рече Претседателот посочувајќи дека неговиот Кабинет веќе ги редуцирал на минимум сите активности и на домашен и на меѓународен план.

Претседателот порача граѓаните да се информираат само од официјални извори, за да се спречи ширење на епидемија на лажни вести.

„Апелирам информирањето за епидемијата да биде само од официјални извори затоа што, за жал, знаете во вакви ситуации се случува и епидемија на лажни вести кои дополнително ја креваат паниката кај населението. Тоа е најлошата работа која може да ни се случи, кога вие не верувате на официјални институции и извори, верувате на т.н. алтернативни продуценти на вести односно на лажни вести“, рече Претседателот и најави дека в понеделник во 16 часот закажал седница на Советот за безбедност на која, освен постојаниот состав, ги повикал и министерот за здравство и началникот на Генералштабот на Армијата.

 

 

На седницата на Советот за безбедност, рече Претседателот, ќе бидат разгледувани евентуалните опции за справување со опасноста од ширење на коронавирусот.

Во врска со закажаните парламентарни избори на 12 март, договорени на лидерска средба во Кабинетот на Претседателот, а која се одржа за реафирмирање на евроатлантските интеграции, по неповолната одлука во Брисел, Претседателот рече дека одлуката за одржување или евентуално одложување на изборите поради коронавирусот, е исклучиво во рацете на политичките субјекти.

„Мојата проценка е дека изборите, кои би оделе со една прилично редуцирана кампања, само на социјални мрежи, е возможна, меѓутоа јас имам голема резерва за самиот ден на изборите. Повторувам, не сакам да се сфати дека јас сега некому наметнувам решение. Не сум надлежен за тоа. На сите ни е кристално јасно дека апсолутен приоритет во оваа ситуација е здравјето на нашите граѓани, а не политичките или партиските интереси на било кого. Се разбира, за тоа треба да има комплетен консензус. Не треба да се брза со таа одлука, меѓутоа ситуацијата, објективно гледате и вие, и околу нас, и внатре кај нас се усложнува во делот на ентузијазмот на луѓето да гласаат“, рече претседателот Пендаровски.