На вежбата „Одлучен удар“ која се реализираше денеска на армискиот полигон Криволак каде се презентираа офанзивни операции на пешадиската баталјонска група на Армијата на Република Северна Македонија, заедно со припадници на Националната гарда на Пенсилванија, обраќање имаше претседателот Пендаровски.
“Како Претседател на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили чест ми е да ве поздравам на „Одлучен удар“ најголемата воена вежба во историјата на земјава.
Со 2700 припадници, од шест држави, заедно со Соединетите Американски Држави, Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора ги усогласуваме нашите сили како вистински сојузници, разменуваме знаења и ја зголемуваме меѓусебната доверба.
Колективната одбрана која се остварува преку интероперабилност, интегрирање на конвенционалните и силите за специјални операции на повеќе држави е особено важна за времето во кое живееме.
Предизвиците со кои се соочува секоја земја се преголеми за да имаме индивидуален пристап.
Радикализирани поединци, групи, како и меѓународниот тероризам се постојана закана за нашата безбедност и нашите вредности.
Постојат и нови хибридни закани, актери со цел да го нападнат нашиот сајбер простор и со тоа да наштетат на нашиот начин на живот.
Вежбата „Одлучен удар“ е доказ дека можеме да се справуваме со безбедносните предизвици и дека нашата Армија е компатибилна со армиите на нашите сојузници од НАТО.
Како врховен командант ги поддржувам реформите во одбраната и безбедноста и развивањето на професионална и модернизирана Армија.
Како држава имаме обврска да го зголемиме одбранбениот буџет на 2% од БДП до 2024 година. Oва е реална цел и ќе ја оствариме.
Преку долгогодишното искуство во меѓународните мисии нашата Армија се трансформираше во современа армија, компатибилна со нашите НАТО партнери.
Со нашата професионалност, посветеност и пожртвуваност ги надминавме очекувањата на многу наши партнери и сојузници.
Членството во НАТО е гаранција за нашата безбедност и просперитет и наш придонес кон регионалната и глобалната безбедност.
Четири од петте држави кои денеска учествуваат на оваа воена вежба веќе го ратификуваа протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО.
Им благодарам и очекувам и другите земји-членки да завршат со процесот што поскоро за да можеме оваа година да станеме 30-та земја членка на најуспешната политичко-воена алијанса.
На сите учесници во „Одлучен удар“ви оддавам признание за вашиот професионализам, вештини и обученост и тимска работа за успешната и беспрекорна воена вежба – изјави претседателот Пендаровски на воената вежба „Одлучен удар“ на Криволак.