Претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, упати честитка до припадниците на турската заедница во РС Македонија.
“Најсрдечно да ви го честитам Денот на наставата на турски јазик, 21 декември, и да ви посакам добро здравје, среќа, радост и бериќет.
Токму на овој ден во 1944 кога се удираа темелите на македонската држава започна и наставата на турски јазик. Со ова се овозможи образование на мајчин јазик на припадниците на турската заедница, како неопходен елемент во зачувувањето и во негувањето на националниот идентитет, традицијата и на културата. Среќни сме што овој значаен датум е и празник на турската заедница во Република Северна Македонија и со него се гордеат сите наши граѓани.
Турската етничка заедница е неизоставен дел од нашата мултиетничка и мултикултурна држава и секој нејзин припадник придонесува во градењето на демократска, просперитетна и развиена Република Северна Македонија. Вие претставувате своевиден мост за соработка со пријателска Република Турција, која е наш искрен и посветен поддржувач.
Уште еднаш честитајќи го празникот, посакувам во овие кризни времиња предизвикани од пандемијата на Ковид-19 да го заштитите своето и здравјето на вашите најблиски и да останете сплотени и солидарни.
Нека е честит 21 декември, Денот на наставата на турски јазик”, упати честитка, претседателот Стево Пендаровски.