Вести Изјави Македонија Топ теми Ударни вести

Пендаровски: Треба да има извинување за улогата на тогашната профашистичка влада во Софија за депортацијата на македонските Евреи

Сподели:

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше во одбележувањето на 80-годишнината од холокаустот на македонските Евреи. Тој ја предводеше Поворката на живите и положи цвеќе пред споменикот на 7.144 депортирани македонски Евреи во кругот на тутунскиот комбинат, каде беа поставени и камчиња со нивните имиња.

 

 

Според претседателот Пендаровски, правдата подразбира да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, рече македонскиот претседател, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.

“Вчера, на 11 март, се навршија 80 години од холокаустот на македонските Евреи. Од ова место 7.144 мажи и жени, деца и старци, во три конвои биле спроведени до железничката станица, натоварени на сточни вагони и депортирани во логорот на смртта Треблинка. Денес, минувајќи еден краток дел од патот на нашите еврејски сонародници, размислуваме за тој мрачен период што нашиот познат поет Ацо Шопов го опиша како време „изместено од своите зглобови“.

Меѓу шесте милиони Евреи кои настрадаа беа и нашите сонародници. Во нивната судбина можеме да ги препознаеме сите етапи на холокаустот.

Првиот чекор бил дискриминација. Фашистичкиот режим во тоа време во Софија го донел Законот за заштита на нацијата со кој македонските Евреи биле систематски дискриминирани. Лишени од државјанство и правна заштита, Евреите биле отпуштани од јавните служби, децата исфрлани од училиштата, семејствата протерувани од нивните домови.

Вториот чекор бил изолација. По наредба на Комесаријатот за еврејски прашања Евреите морале во јавност да ја носат жолтата давидова ѕвезда. На тој начин, вековниот симбол на еврејскиот идентитет беше злоупотребен за да ги стигматизира Евреите како различни, туѓи и опасни.

Третиот чекор бил дехуманизација. Речиси сите Евреи од Скопје, Битола и Штип, од скопскиот Монопол биле депортирани во Треблинка каде што во гасни комори згаснаа животите на близу еден милион лица, меѓу нив и на македонските Евреи кои претставувале 98% од севкупната македонска еврејска популација, и третина од вкупните македонски жртви во Втората светска војна. Никаде во Европа, морбидниот концепт наречен „конечно решение на Еврејското прашање“ не бил поефикасно спроведен отколку во тогашната окупирана Македонија.

Соочени со овие факти, обврзани сме да ги поставиме следниве прашања: дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?

И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи.

Наша морална обврска е да се сеќаваме и да не забораваме, за да не дозволиме, никогаш повеќе силите на злото да добијат шанса да го повторат злосторството.

Сподели: