Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на 26-та Конференција на началници на генералштабови на земјите членки и набљудувачи на Стево Пендаровскишто се одржува во Скопје.
“Сведоци сме дека оваа конференција се одржува во време на предизвици без преседан за безбедносната архитектура на Европа, поттикнати од инвазијата на Русија врз Украина. Европа е исправена пред најголем историски предизвик од крајот на Студената војна. Генерации и генерации повоени европски политичари беа уверени дека нашиот континент никогаш повеќе нема да биде сведок на ваква страшна трагедија, меѓутоа, руската инвазија против Украина на флагрантен начин ги поништи клучните принципи на меѓународниот правен поредок.
Уште од самиот почеток, најостро ја осудивме нелегалната инвазија на Русија. Северна Македонија целосно ги поддржува напорите на НАТО и придонесува со свои капацитети за зајакнување на безбедноста на источното крило на Алијансата. Во моментов сме меѓу првите пет држави-членки на Алијансата според соодносот меѓу бруто домашниот производ и воената и материјално-техничката помош која и ја даваме на Украина во овој критичен период. Точно е дека војната во Украина може да потрае, но ние сме подготвени да продолжиме да помагаме затоа што сметаме дека одбраната на Украина е одбрана на европскиот и меѓународниот поредок заснован на принципи.
Руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата со земјите од Западниот Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион, затоа што НАТО и Европската Унија се двата коридори за предвидлива и просперитетна иднина.
За жал, пролонгирањето на евроинтеграциите, од различни причини, практично на сите западно балкански држави, го разнишува кредибилитетот на Европската Унија. Бавното темпо на процесот на интеграција во Унијата е една од заканите за демократијата на Балканот. Повеќе истражувања на јавното мислење покажуваат дека опаѓа подршката за западно ориентираните организации и земји и за прв пат после три децении, расте поддршката за некои други регионални организации и поинакви модели на управување. Како што беше неспорно дека одредени странски ентитети настојуваа да го спречат нашето зачленување во НАТО, така денес настојуваат да ги спречат процесите на интеграција на земјата во Европската Унија. За таа цел, се развиваат хибридни стратегии и закани, се изведуваат сајбер напади и се продуцираат лажни вести и дезинформации кои ја поткопуваат довербата на граѓаните во институциите и во кредибилноста на регионалните организации во кои сме или сакаме да бидеме.
Стабилноста и просперитетот на регионот се еден од врвните надворешно – политички приоритети на Северна Македонија. Со таквите определби за мир и безбедност, дијалог, споделена одговорност и активен ангажман, го презедовме претседавањето со САД-Јадранската повелба оваа година. Преку нашиот проактивен пристап и иницијатива за зајакнување на политичката димензија и релевантност на Јадранската повелба, уште еднаш ја докажуваме нашата улога и придонес за стабилизирање и просперитет на регионот. При тоа, дозволете уште еднаш да истакнам дека даваме безрезервна поддршка на „политиката на отворена врата“ на НАТО и особено аспирациите на земјите од регионот кои сакаат да пристапат кон Алијансата.
На крајот, дозволете да се заблагодарам за можноста да се обратам на отварањето на оваа конференција и се разбира да ви посакам успешна работа”, изјави претседателот Пендаровски.