Пендаровски: Загрижувачка е состојбата во која се наоѓа ромската заедница

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Стратегија за Роми, тек и следни чекори“ којашто под негово покровителство се одржа во Скопје.

“Уште на почетокот на мојот мандат реков дека ја давам мојата целосна поддршка за градење на амбиент во кој сите креатори на политиките, заедно со граѓаните ќе покажат проактивност за решавањето на овие проблеми. Денес тука се присутни речиси сите релевантни чинители на овој воспоставен механизам на меѓусебна соработка и наша обврска е да понудиме конкретни решенија“, нагласи претседателот Пендаровски.

Ромската заедница и во историска и во актуелна перспектива е нераскинлив дел од нашиот мултикултурен мозаик. Соочени со сите овие проблеми, како држава воспоставувавме механизми со дефинирани цели за унапредување на положбата на ромската заедница. Зад нас имаме усвоено две стратегии за инклузија на Ромите во 2005 и во 2016 година, имаме донесено национални акциски планови, а минатата година е усвоена и новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022–2030 година.

Реално, овие механизми дадоа скромни резултати бидејќи постојат многу структурни недостатоци кои влијаат на секојдневниот културен и општествен живот на ромската заедница. Извештаите на Европската комисија редовно укажуваат дека националните акциски планови не се реализираат во целост поради што е забележан само ограничен напредок. За жал, сѐ уште постои нетрпеливост кон различните од мнозинството во образовниот систем, при што се појавуваат примери на сегрегација во училиштата. Ромите сѐ уште немаат матична установа за промовирање и за негување на својата богата ромска култура. Жената Ромка трпи повеќекратна дискриминација и се соочува со родови бариери. Недостигот на учебници по изборниот предмет „Ромски јазик и култура“ објективно го ограничува правото на учениците Роми да го изучуваат овој предмет. Антициганизмот, како резултат на еден комплексен историски процес на насилство, стигма, говор на омраза и дискриминација, доведува до исклучување на ромската етничка заедница од развојните текови на општеството. Овие структурни неповолности како домино-ефект уназадуваат генерации, што влијае на севкупниот просперитет на таа заедница, но, и на просперитетот на целата држава.

Иако во нашиот регион, Северна Македонија важи за држава која прави најголеми напори за унапредување на состојбата на Ромите, сепак, скромниот напредок во одредени приоритетни области, меѓу кои е образованието, не треба да не држи во комфорната зона, затоа што со години се провлекуваат истите проблеми. Потребно е да се соочиме со фактите и да ги преиспитаме досегашните практики кои покажале скромен резултат во унапредување на состојбата на ромската заедница. Од исклучителна важност е да се воспостави функционална меѓуинституционална координација, мониторинг и евалуација на активностите поврзани со остварување на целите на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 – 2030. Притоа, најзначајно е да се издвои буџет за политиките за Роми и да постои реална, а не декларативна политичка волја, за да постигнеме прогрес во унапредувањето на правата на ромската заедница и на нивниот квалитет на живот, а со тоа и севкупен просперитет на Република Северна Македонија.

Ние, политичарите, следејќи ги цивилизациските вредности, имаме обврска да создадеме еднаква шанса за просперитет на сите граѓани. Имаме уште многу работа во оваа област и затоа мојата поддршка за унапредување на состојбата на ромската заедница – останува. Во оваа прилика сакам јавно да се заблагодарам на сите вклучени страни во креирањето на новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030 година.