Корупцијата е најдобриот инструмент на Москва за влијание на Балканот, вели бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за британскиот весник „Тајмс“, а чии најважни поенти ги пренесува Медиа Пул. За време на краткиот премиерски мандат, Петков вели дека успеале да ја ограничат корупцијата на локално ниво во Бугарија, но и откриле дека имале поголем непријател, а тоа е руското влијание.
„Не разбравме дека корупцијата и руското влијание се една иста работа. Корупцијата е најдобриот надворешнополитички инструмент на Москва на Балканот“, изјави Петков за „Тајмс“.
Во интервјуто, британскиот весник пишува дека неволјите на Петков почнале во април годинава, кога бугарската влада и Петков се одлучија да го одбијат ултиматумот на официјална Москва за исплата на рускиот гас во рубљи, по што Бугарија склучи договор за испорака на природен гас од Азербејџан.
„Азербејџанскиот гас е три пати поевтин од гасот на „Газпром“, но претходната влада некако се откажа од него. Рекоа дека нема гасоводна врска, но се покажа дека имаме присутна врска, која е доволна. Некој се договорил да плати три пати повеќе“, обвинува Петков, додавајќи дека треба да си или многу глупав или корумпиран за да го направиш тоа.
Петков во интервјуто за „Тајмс“ говори и за симнувањето на бугарското вето за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, наспроти спротивставувањето на Русија во врска со ова.
„Русија покажа влијание од двете страни на границата“, вели Петков, додавајќи дека и во Северна Македонија и во Бугарија имало координирани активности.
„Видовме координирани дејствија, кога нашите националисти излегоа со иницијативи во медиумите пред нашиот културен центар во Северна Македонија да биде опожарен“, изјави премиерот Кирил Петков.
Бугарскиот премиер во интервјуто додава дека поранешниот телевизиски водител и пејач Слави Трифунов и неговата партија Има таков народ ја повлече поддршката за досегашната влада, наводно поради разногласие за буџетот и за Северна Македонија, но во суштина, Петков вели дека основна причина за гласањето на недоверба на владата бил разоткриениот корупциски скандал на граничниот премин „Капитан Андреево“ меѓу Бугарија и Турција.
Петков појаснува дека од шверц на наркотици преку овој граничен премин се печалеле и по 1 милијарда евра годишно, а токму решавањето на овој случај бил основна причина за гласањето недоверба на владата./мета.мк