„Платформата за борба против корупцијата“ бара транспарентност во донесувањето на новиот Закон за јавното обвинителство

Сподели

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара транспарентност во процесот на донесување на новиот Закон за јавното обвинителство, затоа што овој закон е од исклучителна важност за борбата против корупцијата, а со неговото донесување треба да се зајакне институционалниот одговор на коруптивните практики.

Со оглед на тоа дека граѓанските организации не беа вклучени во работата на работните групи при подготовката на Предлог-законот за јавното обвинителство, бараме Владата да го повлече Предлог-законот и истиот да не се доставува до Собранието на РСМ. Исто така, доколку со Предлог-законот се пристапи кон присоединување на Специјалното јавно обвинителство кон Јавното обвинителство, а со тоа на каков било начин се загрози мандатот на обвинителката Катица Јанева, бараме постапката за избор на нов прв човек на Специјалното јавно обвинителство која треба да овозможи и повторен избор на обвинителката Јанева, да се спроведе во транспарентна постапка која ќе може да се следи и од заинтересирани граѓани преку електронските медиуми, на начин како што беше и постапката за избор на членови на ДКСК.

Во случај Предлог-законот да биде доставен во Собранието на РСМ, бараме претседателот на работната група да организира јавна дискусија преку матичното тело или да спроведе јавна расправа во рамките на матичните комисии во Собранието на која ќе бидат поканети претставници на Платформата и други заинтересирани лица.

На 124. седница одржана на 05.03.2019 година, Владата на РСМ го разгледала и усвоила новиот Предлог-закон за јавното обвинителство. Притоа, во работната група на Министерството за правда за подготовка на Законот, во процесот на подготовка на предложеното законско решение со кое се уредува статусот на СЈО, изборот на специјален јавен обвинител и на јавни обвинители во ова обвинителство и се уредува неговата идна надлежност, не беа  вклучени претставници на Платформата и други граѓански организации.

Оваа одлука, во процесот за подготовка на нов закон за СЈО да не се вклучат претставници од невладиниот сектор, отстапува од досегашната практика на добра соработка, воспоставена при изготвување на новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и соработката во Законот за судови и Законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Укажуваме дека единствен напредок во годинешниот Индекс за перцепција на корупцијата е постигнат поради покажаната демократизација во процесите, што овој пат, во вака исклучително важен процес за носење на нов закон за СЈО претставува чекор назад во добро воспоставената соработка.

Со новиот Предлог-закон се предвидени нови надлежности на СЈО, а начинот на избор на специјалниот јавен обвинител и неговата одговорност пред Советот за јавни обвинители го изедначува статусот на СЈО со останатите јавни обвинителства и го вклопува во системот на јавното обвинителство на РСМ со што се губи првичната автономија на трансформираното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Членки на Платформата:

Асоцијација за демократски иницијативи
Евротинк
Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје
Истражувачки центар за граѓанско општество
Коалиција сите за правично судење
Конект
Македонски центар за меѓународна соработка
Мост
Метаморфозис
Охрид Институт
Транспаренси Интернешнл Македонија
Транспарентност Македонија
Фондација отворено општество Македонија
Форум ЦСИД
Центар за граѓански комуникации
Центар за истражување и креирање политики