По атентатот, почина поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе

Сподели

 

Кратко време откако беше пренесен во болница по атенатот врз него, поранешниот премиер на Јапонија, Шинзо Абе, починал во болница откако состојбата му се влошила, јави Би-Би-Си.

Абе (67) држеше говор во рамките на изборна кампања во градот Нара на југот на јапонија, по што беше застрелан. Напаѓачот, 41-годишник, беше совладан по нападот и однесен во полициска станица.

Поранешниот јапонски премиер, според Агенцијата за пожари и катастрофи на Јапонија имал прострелна рана во десниот дел од вратот, а имал и поткожно крварење од левиот долен дел на градниот кош. Засега е нејасно дали го погодиле двата куршума или куршумот што го погодил во вратот потоа продолжил да се движи низ телото на поранешниот јапонски премиер.

Како што пренесува Би-Би-Си, Абе бил при свест и можел да комуницира во минутите по атенатот, но подоцна состојбата му се влошила и му била дадена крв.

Според очевидците, додека Шинзо Абе говорел на митингот на еден кандидат од Нара за член на Горниот дом на јапонскиот парламент, напаѓачот, за кој велат дека носел голем пиштол, пукал во пораншниот премиер одзади. Напаѓачот е идентификуван како Тецуја Јамагами, за кој локалните медиуми велат дека бил поранешен член на Поморските одбранбени сили на Јапонија.

Би-Би-Си наведува дека според познатите информации, пиштолот со кој е застрелан Абе најверојатно бил самоделски.

Абе беше јапонски премиер со најдолг стаж на таа функција. Најпрво стана премиер во 2006 година, но остана на функцијата една година, а потоа ја раководеше јапонската влада од 2012 до 2020 година, пред да се повлече поради здравствени причини./Мета.мк