Хју Хефнер, основачот на култното списание за мажи „Плејбој“, почина на 91-годишна возраст, пренесува ВВС. Во соопштението испратено од неговата компанија велат дека Хенфер починал од природна смрт.
Хефнер го основа „Плејбој“ во 1953 година во Чикаго, откако претходно дал отказ од списанието „Есквајр“, гневен поради тоа што одбиле да му ја зголемат платата.
„Плејбој“ веднаш станува сензација, благодарение на разголените фотографии на познати и помалку познати актерки, манекенки и „зајачици”. Хефнер го промовира „Плејбој“ не само како списание туку и како начин на живот, организирајќи луди забави во неговата палата во Лос Анџелес. Тој стана најпродавано машко списание во светот, со тираж од седум милиони примероци месечно во својот врв.
Издавачот самиот дава пример со честите врски со своите „зајачици“ од средните страници на списанието, наведувајќи по неколку од нив како неговата прва, втора или трета девојка.
Хефнер помогна во пропагирањето и јакнењето на сексуалната револуција од 1960-тите со магазинот Плејбој, со кој изгради бизнис-империја.
– Горд сум на тоа што го сменив начинот на кој луѓето гледаат на сексот. Луѓето сега можат да живеат заедно, со што ја деконтаминиравме забраната за предбрачен секс. Тоа е мојот голем успех, изјави Хефнер, прашан од весникот „Њујорк тајмс“ за неговото најголемо достигнување.