Почина композиторот и диригент Кире Костов

Сподели

 

По подолго боледување, на 73-годишна возраст, во Скопје почина композиторот и диригент Кире Костов. Тој беше долгогодишен член на Сојузот на композиторите на Македонија.

Телеграма со сочувство до семејството упати министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која наведе дека Кире Костов, кој во животот се реализираше на повеќе полиња во музиката, зад себе остави музичко наследство со трајни вредности во македонската современа популарна музика.

„Костов зад себе остава музичко наследство кое по својата големина е речиси на ниво на народно творештво. Роден битолчанец, кој со својата богата кариера, преку својот раскошен талент,  ја збогати македонската музичка продукција, а со префинетото чувство за нови ѕвезди несебично создаде соѕвездие од изведувачи кои се гордост на популарните музички жанрови“, стои во телеграмата.

Кире Костов е роден во 1949 година во Битола. Средно музичко училиште завршил во Битола и уште во тој период активно учествувал во културно-забавното живеење на градот. Натамошното школување го продолжил на Музичката академија во Белград, а потоа и на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во периодот од 1970 до 1988 година бил прв трубач и солист на Танцовиот оркестар на тогашната Радио-телевизија Скопје, а потоа и негов диригент.

Како единствен претставник од тогашна Југославија, учествувал во Бигбендот на Европската радиодифузија, кој бил составен од по еден инструменталист од секоја земја од Европа.

Автор е на педесетина композиции за оркестарска изведба од областа на џезот и на околу 300 наслови од областа на популарната музика, меѓу кои: „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Твоите очи сине“, „Синот божји“, „Тајно моја“, „Илузија“, „Само сеќавање“, „Не биди слеп“ и многу други.

Беше еден од основачите на Фестивалот за деца и млади „Си-До“, кој се одржуваше во Битола од 1991 до 2000 година. Од овој фестивал произлегоа над двесте песни за деца и млади, а половината од нив беа прогласени за хитови. Беше уметнички директор на „Интерфест“ – Битола за популарна музика (1994 – 1996).

Кире Костов е добитник на многубројни награди и признанија на познати фестивали во земјава и во странство.