Почина Ванчо Петрушевски – доајенот на македонскиот театар

Сподели

Ванчо Петрушевски актерот и еден од доајените на македонскиот театар почина денеска на 67 годишна возраст.

Според МВР Петрушевски починал од струен удар во 13 часот и 20 минути. Неофицијално актерот бил качен на метална скала и управувал со апарат за заварување, вршејќи поправки во неговата куќа во Орешани. Настанот се случил половина час пред да дојде синот кој требало да му помогне во работата.

Ванчо Петрушевски е роден на 19 април, 1951 година во Скопје. Веднаш по завршувањето на Високата музичка школа, отсек за актерски кадри во Скопје во 1975 година се вработил во Драмскиот театар во Скопје, каде неговиот раскошен талент го истакнал веќе во првата претстава „Ослободување на Скопје” од Д. Јовановиќ. Учествувал во голем број радио-драмсики проекти, телевизиски драми, серии и слично. Добитник е на бројни престижни награди и признанија за својата дејност.

Комеморацијата за актерот ќе се одржи в понеделник во 10 часот, во неговиот матичен Драмски театар. Посмртните останки на Петрушевски ќе бидат изложени од 12 до 13 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел, а потоа ќе биде погребот.

Нека му е вечна слава.