Министерскиот Совет на ЕУ ќе одлучува за преговорите со РС Македонија

Сподели

 

Министрите за европски прашања на земјите-членки на ЕУ денеска во Луксембург на Советот за општи работи на ЕУ, треба да одлучат за одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, односно дали овие две земји од Западен Балкан ќе ги отпочнат преговорите за зачленување со ЕУ.

Германскиот државен министер за Европа Михаел Рот, изјави дека потребните одлуки се под сенка на билатерални конфликти, не треба да се слушаат на ниво на ЕУ, тие може да се разговараат во рамката на ЕУ, но дека ова се билатерални проблеми.

„Комитетот на федералната Влада смета дека Албанија и С. Македонија ги исполнија условите и конечно можат да започнат со преговори и мора да биде јасно дека ЕУ како целина, поддржана од 27 земји членки сега испраќа сигнал за имплементација на ветувањата кои државите ги дадоа“, изјави германскиот министер Рот.

Од повеќе земји-членки на ЕУ пристигнаа слични изјави за поддршка на Северна Македонија и Албанија за почеток на преговорите, но за да се донесе ваква одлука, потребна е едногласна одлука од сите министри на земјите-членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија.

Техничката влада и бугарскиот претседател во изминатиов период не дадоа сигнали дека ќе попуштат и дека ќе дозволат почеток на преговорите со Северна Македонија. И покрај ваквата одлука на Бугарија, повеќето земји-членки на ЕУ пак веќе изјавија дека не се подготвени да ги издвојат Северна Македонија и Албанија, односно денеска да донесат одлука за одржување на првата Меѓувладина конференција само за Албанија.