Почна учебната година: Измените во образованието ќе се спроведуваат етапно, во фази

Сподели

Вкупно 20.437 деца денеска за прв пат тргнуваат за училиште. Од нив наставата на македонски јазик ќе следат 13.218 првачиња, на албански јазик 6.419 ученици, на турски 738, на српски 16 ученици и 46 на босански јазик.

Во средните училишта, пак, се запишани вкупно 17.364 ученици во прва година, од кои настава на македонски јазик ќе следат 13.349 ученици, на албански јазик, 3.765 ученици и на турски јазик 144 ученици, додека пак, 106 ученици по втор пат се запишани во прва година.

Министерството за образование соопшти дека бројките за новата учебна година за основните и средните училишта не се конечни. Крајните официјални податоци ќе бидат познати во средината на септември.

Наставата се одвива во вкупно 362 јавни основни и 108 јавни средни училишта.

Што се однесува до учебниците, за оние учебници во кои се пишува, согласно закон, се склучени договори и истите ќе бидат дистрибуирани до училиштата најдоцна до 15 септември. Истиот рок важи и за дистрибуција на најголемиот број други учебници.

„Испратен е допис до сите училишта и креирана е апликација преку која наставниците и професорите од сите училишта се поканети да укажат на грешки и проблеми во учебниците. На директорите им е испратена лозинка, која преку e-ucebnici.mon.gov.mk, наставниците можат лично да ги внесат бараните податоци. Ги очекуваме одговорите од наставниците и професорите до 15 септември“, рече пред неколку денови министерката Рената Дескоска.

Во втората фаза ќе почне и консултативен процес за соодветноста на изборот на лектири за основно и средно образование.

Што се однесува до создавањето на услови за децата со посебни образовни потреби, МОН испратиле барање до сите училишта да пријават број на ученици со посебни образовни потреби на кои им е потребен персонален асистент.

„Податоците се уште не се конечни, но и откако ќе бидат добиени, ќе подлежат на процес на проверка. За најитна можна реакција, во соработка со УНДП, во процес на селекција се околу 70 персонални асистенти кои ќе поминат обука за да можат што е можно посоодветно да ги извршуваат своите задачи. Исто така, преку процес на консултација со здруженија на граѓани кои се занимаваат со прашањата за инклузивно образование, променети се два подзаконски акти кои регулираат одредени прашања од областа на образованието на децата со посебни потреби“, потенцираа од МОН.

Во однос на условите кои постојат во училиштата и ученичките домови, веќе побарано е од директорите да пријават потреба од капитални инвестиции и да го документираат тоа со фотографии од состојбите во објектите.

Со оглед на тоа што согласно процесот на децентрализација, училиштата се во надлежност на општините, па МОН апелираше градоначалниците да направат промена на приоритетите и да го стават образованието и условите за настава на прво место.