ПОЧНУВА ПРОЦЕДУРАТА ЗА ИЗБОР НА ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ

Сподели

Владата денеска на редовна седница ќе му препорача на Собранието да ја почне процедурата за избор на нов јавен обвинител, односно да распише оглас.
Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во  „Службен весник”.

“Владата на Република Македонија потенцира дека основна цел при изборот на нов јавен обвинител ќе бидат интересите на граѓаните на земјава, избор на професионалец, односно личност од професијата, со дигнитет и достоинство кој ќе го врати угледот на позицијата јавен обвинител, ќе го почитува Законот и Уставот на Република Македонија и ќе постапува еднакво, непристрасно и одговорно во делење на правдата, и воедно ќе ја врати довербата на граѓаните во правосудните институции.”

Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.

За раководната функција во Обвинителството веќе најавија дека ќе се кандидираат адвокати, професори и правници. Адвокатите Звонко Давидовиќ, Александар Наков и Александар Тортевски, нотарката Лорија Ваневска се само дел од имињата кои ја меркаат оваа престижна функција. Кандидатура најави и адвокатот Сејфула Османи кој вели дека ќе работи на деполитизација на јавното обвинителство.

Советот на јавните обвинители вчера не се состана за да назначи вршител на функцијата државен јавен обвинител. Дел од членовите се сè уште на годишен одмор и најверојатно утре или во текот на неделата и официјално ќе биде именуван заменикот на разрешениот Марко Зврлевски кој ќе раководи со обвинителството до избориот на нов јавен обвинител.