Вечерва во 20 часот, во Национална опера и балет ќе биде отворено 42. издание на Скопскиот џез фестивал, кој ќе се одржува до 22 октомври.
JAN BANG композитор, live sampling, ARVE HENRIKSEN композитор, труба, вокал, DZIJAN EMIN аранжер, диригент, INGAR ZACH перкусии,GEIR ØSTENSJØ тон мајстор,+ FAME’S INSTITUTE ORCHESTRA
After the Wildfire е дело за оркестар, специјално, исклучиво за оваа прилика, компонирано од Арве Хенриксен и Јан Банг како солисти, заедно со перкусионистот Ингар Зак. Музиката е аранжирана и под диригентство на Џијан Емин за F.A.M.E.S. Institute Orchestra, а премиерно ќе биде изведенa на отворањето на 42. Скопски џез фестивал. Јан Банг е реномиран норвешки музичар, композитор, продуцент и професор, како и уметнички директор на познатиот Punkt Festival. Тој е еден од најуспешните и највлијателните продуценти во Норвешка и своевиден музички иноватор. Арве Хенриксен е веројатно најсестраниот норвешки музичар од неговата генерација, познат по извонредно уникатниот и индивидуален звук на трубата. Тој е, во исто време, еден од најелоквентните соработници во современата музика, кој има работено со огромен број светски музичари, како: Дејвид Силвијан, Џафер Јусеф, Џон Хасел, Хоуп Сандовал, Лори Андерсон, Џон Пол Џонс, Руичи Сакамото, Јон Балке, Мерлин Мазур, Арилд Андерсен и многу други. Банг и Хенриксен првпат настапија на Скопскиот џез фестивал во 2009 година, во иста вечер со покојниот Џон Хасел, а Банг едновремено беше дел и од бендот на Хасел. After the Wildfire се состои од осум композиции напишани за труба, семплер, оркестар, перкусии, кавал, зурла и глас. Концертот го вклучува норвешкиот тапанар Ингар Зак, како и некои од најдобрите македонски пејачки и кавалџии.