Под лупа евиденцијата на државниот недвижен имот – Тинка Китеска

Сподели

 

Како државата го евидентира и се грижи за својот имот?

 

 Тинка Китеска

Дали некогаш сте се запрашале каков недвижен имот има нашата држава, колку вреди, кој го користи и како самата држава се грижи за навремена и целосна евиденција на објектите во државна сопственост? Постојат ли објекти кои се надвор од таа евиденција, има ли напуштени, празни, дотраени објекти кои со децении не служат за својата намена и претставуваат закана за животната средина и опасност за граѓаните.

Иако постои солидна законска рамка и точно се знаат надлежностите на секој државен орган од аспект на евиденција на недвижниот имот, сепак до денес не можеме да се пофалиме дека многу сме напреднале на тоа поле. Постојат голем број незапишани или неизложени објекти, без утврден правен статус, без спроведен делбен биланс или без легитимни Одлуки на Владата за доделување на користење. Точната бројка на тие објекти не може ниту да се претпостави, затоа што Државното правобранителство, кое е законски надлежно да врши запишување на државните објекти што останале незапишани, не поседува такви податоци. Една сериозна држава мора во секое време да има податоци за недвижниот имот и за начинот на неговото управување.

Каква е состојбата во различни државни институции

Помеѓу министерствата постојат големи разлики, од една страна има министерства со уредена и ажурирана евиденција на објектите, од друга страна постои хаотична и паушална евиденција или воопшто не постои евиденција.

Позитивен пример е Министерството за финансии, кое предничи по својата законски ажурирана евиденција – има вкупно 33 објекти од кои дури за 29 објекти има запишани права. Наспроти него е негативниот пример на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое има вкупно 35 објекти од кои само за 3 објекти има запишани права, останатите објекти се неизложени или незапишани.

Интересна е состојбата на органите во состав на Министерството за финансии.

  • Царинската управа е пример за најажурирана евиденција, има вкупно 243 објекти и сите имаат запишани права, дури точно се цитирани бројот и датумот на Одлуките на Владата за доделување на користење.
  • Управата за јавни приходи е пример за најнесредена евиденција – нема Имотен лист ниту за објектот на дирекцијата на Управата. Имено, овој орган во својата евиденција има 147 објекти, од кои само за 4 објекти има цитирано Одлуки на Владата за доделување. Навистина нивниот имот е специфичен, меѓутоа тоа не е оправдување за неажурноста. УЈП има 60 недвижности стекнати во стечајни постапки, 28 запленети во даночни постапки, останатите објекти се наследени од поранешниот Завод за платен промет или се на општините и за нив нема никакви податоци. Дури 10 објекти се со забелешка дека УЈП не ги користи, стојат празни и неупотребени.

Министерството за труд и социјална политика предничи ама во негативна конотација по објектите оставени да пропаѓаат изложени на секаков вид вандализам и уништување. Ова министерство има 23 објекти низ цела држава од кои само 14 имаат Имотен лист. Од нив 5 објекти се детски одморалишта кои надлежните ги заборавиле дека постојат. На терен состојбата е алармантна, од одморалиштата останале само голи ѕидови обраснати со густи џбунови. Градени на најатрактивни локации во чиста и недопрена природа, среде борови шуми, на планина или крај езеро, овие осамени објекти сведочат за нашата огромна неодговорност.

Pod lupa evidencijata na drzavniot nedvizen imotИзвор: sdk.mk

Ако побарате информација за евиденцијата на МВР ќе добиете одговор дека дури 60 објекти чекаат со години Решение за утврдување на нивниот правен статус од страна на Министерство за транспорт, а има објекти за кои воопшто не е започната легализација – како што е касарната во Ѓорче Петров. Управата за водење на матични книги има 129 објекти а само 3 запишани објекти, за другите нема евиденција.

Не е се така црно, постојат и ретки позитивни примери, како што е Централниот регистар кој е една од ретките институции со уредна евиденција. Има вкупно 33 објекти низ целата држава и за сите има Имотни листови.

Проблеми што можат да искрснат во пракса поради неефикасна евиденција

Последиците од неисполнување на законската обврска на државните институции за водење на интерна евинција за имотот, можат да бидат далекусежни и предвидливи. Ова е особено случај по подрачните одделенија на министерствата по градовите, кои функционираат без да се знае кој орган колкав простор користи, со колкав процент учествува во заедничките трошоци и кој се грижи за тековно одржување на заедничките делови на објектите што ги користат сите. Има државни органи што поседуваат празни објекти, додека некој друг орган изнајмува деловни простории на товар на буџетот, поради лошата координираност на државните органи. Таков е примерот со Државниот завод за статистика кој плаќа закупнина во Битола, иако Управата за јавни приходи таму има неколку празни објекти.

Слични примери има и во Скопје и по другите градови. Во центарот на Скопје кај Рампа веќе неколку години стои празен поранешниот објект на Државниот пазарен инспекторат. Голема зграда која ниту еден орган не ја води во својата евиденција, откако државата водела децениски судски спор и има пресуда на Врховен суд во корист на РМ, но и покрај тоа до денес објектот не е запишан во Агенцијата за катастар. Незапишани се и објектите на АД Водостопанство во државна сопственост, иако ги има вкупно 63, од кои 49 објекти се акумулации со инфраструктура, практично немаме податоци за браните.

Голем недостаток е немањето евиденција, ама уште поголем пропуст е запишаните објекти кои имаат свој титулар, да се остават под клуч со години, никој да не ги користи, ниту да стопанисува со нив. Таков објект е поранешниот Тутунски комбинат во Скопје, доделен своевремено на МВР кое со години не влезе во објектот. Наспроти тоа има институции кои плаќаат закупнини: Биро за регионален развој, Државен инспекторат за локална самоуправа, Агенција за промоција и поддршка на туризмот и Агенција за иселеништво.

Доколку постоеше банка на податоци за државни објекти, многу полесно ќе им беше и на здравствените власти во овие тешки времиња на справување со опасната состојба на КОВИД-19. Многу од овие објекти, со помали интервенции ќе можеа да се оспособат и да се стават во служба на задоволување на потребите за справување со епидемијата од светски размери, како што постапуваа останатите земји од регионот.

Обид на граѓанскиот сектор да и помогне на власта

Тргнувајќи од идејата дека оваа проблематика долги години не била доследно третирана, една мала група професионални и високо стручни државни службеници вработени во централната извршна власт пред две години го основаа Здружението на граѓани за заштита на правата на вработените во државната администрација и заштита на државниот имот – „ПРАВЕДНИ И ПРОФЕСИОНАЛНИ“ од Скопје. Во тек е реализацијата на првиот нивен поголем проект – „Јакнење на капацитетите за добро управување и евидентирање на државниот недвижен имот“.

Генералниот заклучок е дека нашата евиденција се уште не е уредена во законски пропишаната форма и мал е бројот на државни институции кои сериозно пристапиле кон стручно и професионално водење на интерната евиденција на објектите.

Најважно е на самиот почеток државните органи да ја препознаат потребата и да ја сфатат неопходноста од воведување на единствен и централизиран регистар на државните објекти.

Најново на тој план е јавно објавената информација усвоена на 18-та седница на Владата од 9 ноември 2020 година, точка 18, „За воведување на единствена евиденција врз основа на ЕИБ – единствени идентификациони броеви“.

Конкретно задолжение од Владата добило Министерството за информатичко општество и администрација да ги стави на располагање своите дигитални податоци од регистарот на државни институции кои набрзо ќе се поврзат со електронската база на Агенција за катастар и конечно да ја видиме првичната унифицирана евиденција на недвижности.

respublica.edu.mk