“Подај рака 2022” – Хуманитарна манифестација за поддршка на лицата со Вилсонова болест

Сподели

 

Подај рака 2022 – Седма по ред хуманитарна манифестација за поддршка на лицата со Вилсонова болест во Македонија! 16 октомври, во Градскиот парк, со почеток од 11 часот
 
Целта на оваа акција е да ја подигнеме свеста на јавноста за Вилсоновата болест, да ја поттикнеме социјална вклученост на лицата кои се соочуваат со оваа болест, како и да поттикнеме што повеќе луѓе на рекреација и подобрување на нивната општа психофизичка состојба.
 
По две години виртуелна дружба поради пандемијата, особено се радуваме што оваа година повторно ќе можеме заедно, во живо, да го одржиме овој, за нас, специјален и особено важен настан!
 
Како и сите претходни години, веруваме дека ќе имаме одлична атмосфера на ПОДАЈ РАКА и настан богат со традиционалната штафетна трка и најслатката детска трка, одлична музика, изненадувања за дечињата и простор за вашите миленичиња!
 
Горди сме што со несебичната помош и подршка на хуманите луѓе и општествено-одговорните компании, кои ги поддржаа претходните изданија на ПОДАЈ РАКА, продолжуваме со остварување на нашата мисија за подигнување на свеста на стручната и пошироката јавност на оваа ретка болест, подобрување на условите за дијагноза, следење и третирање на Вилсоновата болест и поддршка на лицата и семејствата засегнати од истата.
 
Со овој настан сакаме да им дадеме поддршка на сите лица кај кои најчесто како последица на ненавремена детекција, ретките болести оставиле непоправливи последици, како и да им оддадеме почит на оние кои прерано го изгубиле својот живот борејќи се со нив. Лицата со ретки болести имаат право да не бидат невидливи во општеството, информираат од ПОДАЈ РАКА!