МВР со засилени сообраќајни контроли и во Куманово: 80 санкции за еден час

Сподели

 

Министерството за внатрешни работи покрај на територијата на главниот град Скопје, спроведува засилени акциски контроли за санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи и во другите градови, меѓу кои и Куманово, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски на денешната прес конференција во Куманово.

 

 

„Се санкционираат сите сообраќајни прекршоци, а особено оние кои што се најчеста причина за сообраќајни незгоди со тешки последици, како што се управувањето на возило под дејство на алкохол, возење со брзина над дозволената, недавањето првенство на минување на возила и пешаци и сл.,а се санкционираат и возачите на мотори кои не ги почитуваат правилата“, рече Ангеловски.

Портпаролот на МВР апелираше до граѓаните на Куманово да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

 „Само за еден час во денешната акциска контрола во Куманово изречени се 80 санкции, пред се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола, пречекорена брзина и др. “, соопшти Ангеловски, кој потенцира дека акциските контроли продолжуваат и во наредните денови, а целосните податоци од денешната засилена акциска контрола ќе бидат презентирани утре.