Политичка и кривична одговорност на претседателот – Светомир Шкариќ

Сподели

 

 

svetomir skarik 200x250
проф. д-р Светомир Шкариќ

Претседателот на Републиката има политичка и кривична одговорност за дејствијата што се предвидени во Уставот. Одговара и за неизвршените дејствија ако со нивното  пропуштање значително се   оштетени  државните интереси или интересите на граѓаните. Секое негово поведение може  да заврши како кривично дело ,,Предавство“. Политичката одговорност извира од Уставот, а кривичната од кривичното законодавство и од поширокото гледање на уставната теорија на кривичната одговорноста на претседателот.

 

Политичка одговорност

Претседателот на Републиката одговара за кршење на Уставот и законите. Ако ги прекрши наведените акти, тогаш Собранието со двотретинско мнозинство гласови подигнува обвинение, а Уставниот суд одлучува за обвинението. Обвивението мора да биде поддржано од најмалку 80 пратеници, а одлуката за кршење на Уставот и законите од најмалку шест судии на Уставниот суд (двотретинско мнозинство). Ако Уставниот суд оцени дека претседателот го прекршил Уставот или законот, тогаш функцијата предвреме му престанува, по сила на Уставот  (чл. 87).

Постапката за утврдување на политичката одговорност на претседаталот е утврдена во Деловникот на Собранието од 2010 година и во Деловникот на Уставниот суд од 1992 година. Со првиот акт се регулира предлогот за поведување на постапката, а со вториот, донесувањето на одлуката за одговорност. Предлогот за поведување постапка е всушност обвинение, а одлучувањето за предлогот е  судење на претседателот. Така е во земјите што го познаваат импичментот или ,,полуипичментот“.

Предлог за покренување на постапка поднесуваат најмалку 30 пратеници. Предлогот содржи  образложение на причините поради кои се покренува постапката, опис на дејствијата и доказите за прекршување на Уставот и законите. По утврдување на предлогот,  претседателот на Собранието веднаш го доставува  до пратениците и до претеседателот на Републиката. По доставениот предлог, за кратко време, Собранието основа Комисија од  претседател и 10 членови за оценување на основаноста на предлогот. По известувањето за формирање на Комисијата, претседателот може писмено да се изјасни  за  предлогот. Комисијата во рок од 15 дена од денот на нејзиното основање поднесува извештај до Собранието. Претседателот има право писмено да се изјасни за извештајот на Комисијата и непосредно  да учествува во претресот  во Собранието. Донесената одлука Собранието ја доставува до претседателот и до Уставниот суд.

Уставниот суд  формира комисија  од тројца судии за проверка   на доказите содржани  во  извештајот на собраниската комисија. Тој  е должен да побара и мислење од претседателот за наодите во обвинението. Ако Уставниот суд утврди дека претседателот го прекршил Уставот или законот, тогаш функцијата му престанува веднаш по сила на Уставот (ipso iure). Потоа, досието на претседателот го доставува до надлежното обвинителство, со цел да се отвори кривична постапка.

Ѓорге Иванов е првиот претседател  против  кој е поведена постапка за  политичка одговорност. Иницијативата е покрената од 50 пратеници, утредента по донесената Одлука за аболиција од 12 април 2016.  Станува збор за одлука со која претседателот  ослободи   од гонење  56 лица за сторени 107 кривични дела, без спроведена постапка. Во мај е формирана комисија составена од шест члена од редовите на  ВМРО-ДПМНЕ и 5 члена од редовите на останатите парламентарни партии. Се случи математички парадокс: партијата што нема 50 отсто пратеници во Собранието обезбеди  мнозинство во комисијата.  И обратно, партиите што имале повеќе од 50 отсто пратеници во Собранието станаа малцинство! Тоа е типичен пример на ,,заробена држава“.

sudstvo 24 07

 

Во јуни Собранието  расправаше по извештајот на Комисијата во тензична атмосфера. По неколкуднена дебата,  за  одговорноста на претседателот  гласале 35  а против биле 47 пратеници. Со таков резултат, предлогот за предвремено разрешување на претседателот  не можеше  да  стигне  до Уставниот суд.  Тоа  му даде сила на претседателот  и натаму да тврди  дека аболицијата  била  правно заснована, иако во одлуката се наведува  мртвиот  член  од Законот за помилување (чл. 11). Не му сметаше ни максимата на класичните римски правници, според која  укинатиот закон не може да оживее,  ако се укине законот со кој што пробитниот закон е укинат (аbrogata lege abrogante, non reviviscit lex abrogata).

Користење на мртвиот член е злоупотреба на правото на помилување.   Тоа   предизвика голем револт во јавноста.  По донесената одлука за аболиција, утредента,  на скопските улици се појави ,,Шарената револуција“. Демолирана е Народната  канцеларија  на претседателот и гореа неговите  портрети . Како реакција на тоа, претседателот се  огласи  со зборовите ,,Подобро е да бидат горени  моите фотографии отколку институциите на државата“.

Претседателот не почуствува потреба да даде свое мислење за наодите на Комисијата, ниту  се одзва  на поканата  да учествува во дебатата во Собранието. Зазеде одбоен став, игнорирајќи го револтот на домашната  и  на  меѓународната јавност. Ни во еден момент не почуствува потреба да даде  оставка, форма на политичка одговорност практикувана  во повеќе земји. На пример, Шарл де Гол  се одлучил  за  оставка поради загубената доверба на референдумот од 27 април 1969 година. Ричард Никсон во 1974 година  пред време  ја напушти  функцијата за да не ги почуствува последиците од  импичментот поради аферата Вотергејт. А Петар Младенов, претседателот на Бугарија, во 1990 година  поднесе оставка поради тоа што се раширила   лажна вест  во јавноста  дека имал намера ,,да ги повика тенковите“  да ги нападнат демонстрантите, насобрани пред Народното собрание во Софија.

Кривична одговорност

 Уставот на широка врата ја воведува кривичната одговорност на претседателот. Тоа го прави со одредбата  според која за одземање на имунитетот на претседателот одлучува Уставниот суд со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии (чл.83). Врз основа на оваа одредба претседателот  подлежи на кривична одговорност за сите кривични дела, а не само за најтешките како што е тоа случај со претседателите на поголем број земји во светот. Во случај на одземен имунитет, претседателот може да биде  и притворен и против него да се води истражна и судска постапка.

За одземање на имунитетот одлучува Уставниот суд по предлог на надлежниот орган пред кој е поднесено барање за поведување казнена постапка. При одлучувањето за имунитетот, Уставниот суд има широк маневарски  простор: долна граница е пратеничкиот имунитет, а горна  висока  е колку и небото. Во такви околности, Уставниот суд може суштински да влијае  врз поведувањето на казнената постапка.

Претседателот може кривично да одговара и за пропуштените дејствија. На пример, за непотпишување на указот по повторно усвојување на законот во Собранието, за непотпшување на  указот за прогласување на законот донесен со двотретинско мнозинство гласови, за не давање мандат за состав на Влада ако е обезбедено парламентарното мнозинство или за не донесување одлука за објавување  војна ако земјата е нападната од надвор. Во такви случаи, станува збор за кривично дело ,,Злоупотреба на службената положба и овластување“, предвидено со Кривичниот законик на РМ од 1996 година (чл.  353 ).

Кривична одговорност може да се бара и во случај кога претседателот не го користи суспензивното вето за законите кои post festum  предизвикле социјална катастрофа, уништување на   јавните добра, повреда на  интегритетот на личноста  од  национален формат или што отвориле широк  простор за  примена на  насилство во државните институции. На пример, не е користено суспензивното вето за Законот за трансформација (приватизација)  на општествениот капитал од 1993, Законот за  сопственоста и други стварни права од 2001, Законот за лустрација од 2008 и  Законот за Собрание на РМ од 2009 година.  Со првиот закон на улица беа исфрлени  голем број работници. Со вториот закон,  јавните добра станаа државна сопственост во рацете на Владата. Со третиот закон лустрирани се личности од големо национално и културно значење, а  со  четвртиот   создадена е правна  основа за ,,Црниот понеделник“ – настан што го потресе целиот парламентарен свет.

Кога се во прашање шефови на држави, кривичните дела имаат поголема тежина од тежината  на кривичните дела извршени од други субјекти. Некои од тие дела што се наведени во уставите имаат и покомлексна природа од делата предвидени во кривичните закони. На пример, кривичното дело предавство предвидено  во Уставот на САД, Уставот на Франција и  Уставот на Бугарија е покомплексно од кривичното дело предавство  предвидено во кривичните закони на тие земји. Комплексноста  е резултат на кумулацијата на политичката и кривичната одговорност. Обединувањето на овие две компоненти се препознава и во кривичното дело ,,Велепредавство“ предвидено со КЗРМ (чл. 305).

По правило, претседателите кривично не се гонат  додека се на функција. Нивното гонење започнува кога стануваат приватни лица, кога го губат  правото  на имунитет. Во поново време така е постапено кон поранешните претседатели на Бразил, Лула да Силва, на Јужноафриканската  Република, Јакоб Зума и на Франција, Никола Саркози, сите тројца обвинети за корупција и злоупотреба на претседателската функција.

respublica.edu.mk