Половина век „Љубански илинденски иселенички средби”

Сподели

 

На 1 и 2 август, во преспанското село Љубојно, ќе се одржат 48-те, по ред, „Љубанските илинденски иселенички средби“, кои, во изминатиов речиси половина век, израснаа во значајна иселеничка манифестација не само за Љубојно и Преспа, туку и земјата во целина, со силен одек во македонската дијаспора.

Средбите се дел од Илинденските чевствувања, слободарскиот дух и сенародниот македонски копнеж за борба и слобода, а ќе започнат со изведба на македонската химна и поздравни обраќања на д-р Живко Гошаревски, градоначалник на Општина Ресен и Слободан Близнаковски, директор на Агенцијата за иселеништво.

Годинава, Средбите се посветени на великанот на македонскиот јазик и опстој Блаже Конески, за што е програмирана посебна манифестација.

По истиот повод ќе биде промовирана стихозбирката „Раѓање“ од поетот Бошко Рајчовски – Пелистерски од Детроит, САД за која ќе говори проф. д-р Виолета Ачковска, додека песната „Тешкото“, ќе ја рецитира поетесата Анета Коруноски-Париз од Чикаго, САД.

Промоција ќе доживее и последниот од шесетината трудови на Славе Катин од Љубојно „Преспанска разгледница“, што ќе го претстави новинарот, колумнист и публицист Веле Митаноски.

Ќе биде промовирана и монографијата за познатото семејството „Видиновски“ од Торонто, Канада, посветено на познатата македонска поетеса Рада Видиновска, за која ќе говори Милчо Јованоски новинар и публицист, како и моногравското дело „Бошко Рајчовски – Пелистерски“, за познатиот и признат иселеник од Љубојно, поетот Бошко Рајчовски – Пелистерски.

Закажани се и промоции на делата „Бричење петли“ од публицистот Владо Димовски, и „Златниот часовник што го запре времето“ од дипломатот Костадин Дораковски, со потекло од Љубојно.

Организаторите најавуваат голема народна веселба, со учество на  младите и полетни играорци на Друштвото „Гоце Делчев“ од Битола и КУД „Новаци“ од Новаци.

Во текот на двата дена, присутните ќе ги забавуваат групата „Персиди“ и естрадните уметници Елена Велевска, Елена Јовческа, Соња Ристевска, Снеже Радичевска, Благојче Стојановски – Туше и Ташко Каранфиловски. 

Веле Митаноски