Министерот Поповски, во своето обраќање на РОС-РОТ семинарот, во Собранието на Република Македонија се осврна на медиумскиот пејзаж во Западен Балкан и влијанието на дезинформациите во креирањето на јавното мислење.
Медиумите во Западен Балкан, за жал, и покрај сите укажувања, според индексот на Репортери без граници, може да се опише накратко како „загрижувачка или сериозно загрижувачка“, дека трендот на ширење „шокантни“ вести – дезинформации, како на национално така и на регионално ниво, е најголем поткопувач на демократските, реформските и на евро-атлантските аспирации на регионот.
Лажните вести не се само фраза, туку сурова реалност. Тоа е ефект кој го гледаме секојдневно по медиумскиот простор, со екстремен пик на дигиталниот простор. Таму информациите се пласираат, се појавуваат и исчезнуваат фреквентно, најчесто без трага, без можност за проверка на фактите, и без исклучок со наслови специфично осмислени да бидат мамка за кликови. Најчесто наменети за да дискредитираат личности, заедници, општества.
Денес, користејќи ја развиената технологија, дезинформациите, сакале да признаеме или не, ги менуваат нашите општества, предизвикуваат конфликт, омраза, параноја, заговор.
Во регионален контекст, лажните вести кои се насочени кон етничка, политичка и верска нетрпеливост се заеднички непријател на трендот на помирување на земјите од Западен Балкан и нивната конечна европеизација.
Како на некој да не му одговара да излеземе од бурето барут.
Јавното мислење се појавува како концепт од постоењето на човечкото општество и се развива со еволуцијата на институциите на тоа општество.
Тоа е тоа што прави или уништува репутација, на личност, група, институции, влади.
Секој индивидуалец е засегнат од влијанието на јавното мислење затоа што влијае на неговиот секојдневен живот, а агресивното и структурирано дезинформирање, има за цел драматично да влијае на јавното мислење креирајќи ПОЛОВИЧНА слика, која на одредени поединци, групи или организации ќе им помогне да остварат својата цел.
Владините политики во една земја се креираат со претходно испитување на јавното мислење. Тоа е лајт-мотивот за секоја Влада. Лиферувачите на лажните вести се оние кои сакаат преку константно провоцирање со полу-вистини и лаги да испровоцираат било каква форма на криза, затоа што во криза тие најмногу можат да профитираат.
Намерно го потенцирав зборот ПОЛОВИЧНА. Затоа што дезинформациите и лажните вести не би биле толку успешни доколку се тотални лаги. Нивната успешност е во тоа што се перфидни полувистини.
Немаат дефинирана форма, и креирани се да предизвикаат заплашување, несигурност, недоверба, фрустрација, а пред сè, да привлечат големо внимание.
Слободата на говор е загарантирано човеково право, но злоупотребата на тоа право, во форма на дезинформирање, наведување или пропагирање, што во случајот на Западен Балкан многу лесно се рефлектира врз целокупната безбедност и стабилност, сериозно ја загрозува слободата на говорот.
Затоа, како Влада, повеќе пати повикавме на конструктивна атмосфера и отворена дебата со граѓаните, без страв, заплашување и притисоци да градат сопствени ставови за секое отворено прашање.
Во една земја, активната транспарентност е најголем непријател на лажните вести и дезинформациите. Идеално би било граѓаните да развијат практика на следење на вести од различни извори и да бидат критични кон информациите кои ги консумираат.
Но, не може да очекуваме секој граѓанин, што се информира од медиуми достапни на својот мобилен уред, на патот од дома до работа, или на пауза за ручек, да ја проверува информацијата пред да ја прифати како таква.
Тоа е работа на регулаторните тела, и не помалку на медиумите, чијшто простор е директно узурпиран од таквата не само нелојална, туку и не етичка конкуренција. Клучот е во новинарската професија, не само на национално ниво, туку и на регионално. Да се само регулира и да се држи до етичките и морални стандарди.