Постхумно признание „Креатори за векови“ за Трајче Мукаетов

Сподели

mukaetov-1

Бизнис платформата за Средна и Југоисточна Европа „Претприемништво – Перспективи 2050“, постхумно му додели признание „Креатори за векови“ на Трајче Мукаетов, поранешен генерален директор и еден од креаторите на модерниот „Алкалоид“.

Оваа престижна награда за животно дело се доделува за постигнувања во текот на целокупниот животен век, со цел јавно да се оддаде признание на големите визионери, лидери и креатори на иднината, чиии труд, храброст, знаење, креативност и врвни резултати се темел и главен двигател на напредокот на заедницата и на развојните предизвици кои ги налага новото време.

Трајче Мукаетов својата кариера ја започнува по дипломирањето на Електротехничкиот факултет во Белград, по што како дипломиран експерт е назначен за прв директор во организацијата за процеси и информатика при Македонската државна канцеларија за информатика. Работниот стаж го продолжува во „Алкалоид“, каде во 1974 го основа компјутерскиот центар на компанијата. Набрзо, под негово водство, овој центар е прогласен за водечки компјутерски центар во Македонија. Од 1985, Трајче Мукаетов ја извршува функцијата Генерален директор на „Алкалоид АД“ Скопје. Од 33 години во „Алкалоид“, на чело на компанијата е цели 22. Периодот на неговото раководење е обележан со најголемиот инвестициски циклус во компанијата. Како голем стратег и визионер, тој во 1996 го иницира создавањето на нови фармацевтски погони, опремени со нови автоматизирани производни линии и зголемен капацитет на производство.

– Не ми беше најважно да трупам имот и да купувам фирми, туку напротив, најголем предизвик ми беше да го издигнам „Алкалоид“ во современа и успешна компанија, компанија која ќе биде регионален лидер и која ќе продолжи успешно да работи и после моето заминување од челната позиција. „Алкалоид“ е компанија за сите времиња и мора да мислиме и за нашата иднина – истакна своевремено Трајче Мукаетов.

За секој менаџер, највисок дострел е зад себе да остави здрава и просперитетна компанија. Такво нешто, во вистинска смисла на зборот, направи Трајче Мукаетов. Постхумната награда за животно дело во претприемништвото, претставниците на организацијата „Креатори за векови“ му ја врачија на актуелниот Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

Изборот на лауреати се одвива во 5 фази, под водство на независен меѓународен Комитет за доделување награди и признанија „Креатори за векови“, составен од 16 истакнати имиња од областа на економијата, маркетингот и финансискиот сектор, од 10 европски земји. Свеченото прогласување на лауреатите за 2015 година се одвиваше паралелно со одржувањето на Регионалниот самит на претприемачи на Средна и Југоисточна Европа – „300 Најдобри“ во Дубровник, додека пригодната церемонија за постхумно доделување на наградата на Трајче Мукаетов се одржа во Скопје, во присуство на неговите некогашни соработници и семејството.