Постигнати се добри резултати во санкционирање на насилството врз жени, но имаме уште многу работа

Сподели

 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по повод 16 дена активизам против родово базирано насилство денеска се обрати на трибината „Мултисекторски пристап за ефикасна заштита на жени и девојчиња изложени на насилство“, во организација на Македонскиот полициски синдикат и невладината организација ЕХО што се одржа во салата на Општина Прилеп.

 

Министерот Спасовски на почетокот констатираше дека изминативе години на глобално и на национално рамниште беа промовирани низа идеи, концепти, нормативни решенија во доменот на заштитата на жената, на спречувањето на семејното насилство, вклучително и на превенцијата од најтешките форми на криминалитет, како што се сексуалното насилство и експлоатација и дека за сето она што до пред две децении се зборуваше релативно малку, денес е во фокусот на јавниот и институционален интерес како приоритетен проблем.

„Семејното насилство, опсервирано од кривично-правен аспект, при што загрозувањето на правата на жената е најевидентно, и чии што последици по жртвите се стравични и по потенцијал и по објективна штета – физичка, ментална, па дури и елементарно биолошка, всушност, претставува содржина од крајно комплексни соодноси. Тие не се само индивидуални, туку допираат и низа колективни, системски, законски, социјални, културолошки и други релации. Притоа, законската репресија, не може да биде основно и финално решение на проблемот, туку само алка, делче од еден поголем мозаик од механизми чија улога е детектирање и решавање на генезата, а паралелно на тоа и ресоцијализација на жртвите и санација на направените штети“, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски подвлече дека низ призмата на полициската практика се постигнати добри резултати во демистифицирањето на проблемот и во санкционирање на овие кривични дела, но и дека има уште многу да се работи во неговото превенирање и решавање.            

„Ако се повикаме на полициските статистики јасно е дека проблемот е сè уште актуелен: само во периодот од јануари до крајот на септември годинава на ниво на државата евидентирани се 809 кривични дела од областа на семејното насилство, за кои кривично пријавени се 836 лица, а од евидентираните 863 жртви – 669 се жени, односно најмногу сопруги, вонбрачни сопруги, мајки, ќерки. На овие показатели за истиот период треба да се додадат и 290 констатирани и санкционирани прекршоци и 3.131 поплака против членови на семејството, каде што 68 отсто од жртвите за психичко, физичко или економско малтретирање се жени“, ги презентираше официјалните полициски статистики министерот Спасовски.

Спасовски лоцираше дека во изминативе години, тргнувајќи од низата нови меѓународни и домашни законски промени, Министерството за внатрешни работи организационо, професионално и стручно се прилагоди кон новите трендови и стандарди во третманот на насилството врз жената, поставувајќи стандардни оперативни процедури кои што опфаќаат еден широк спектар на активности.

„Тука не станува збор само за идентификување и управување со ризиците, туку дополнително и за обезбедувањето на безбедноста на жртвата во сите фази на полициското постапување. Од планирањето и спроведувањето на мерките и активностите во планот за безбедност, па сè до упатување на жените жртви на насилство и семејно насилство кон достапните услуги за помош и поддршка, и секако – документирање, собирање на сите докази за конкретен случај и релевантните информации во врска со сторителот, до целосно расчистување на кривичното дело“, рече во своето обраќање  министерот Спасовски.