Потпишување на нов Колективен договор, подобрување на условите за работа, решавање на статусот на дел од вработените кои долги години се со времен ангажман, беа само дел од темите на денешната конструктивна средба помеѓу директорот на ЈСП Скопје, Иван Илиевски и претставниците на трите репрезентативни синдикати на вработените во Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје, Миќо Стојановски, претседател на Синдикална организација на ССМ при ЈСП Скопје, Зоран Стојановски, претседател на Независен синдикат при ЈСП Скопје и Африм Муча, претседател на Независен возачки синдикат при ЈСП Скопје.
Меѓудругото, на средбата се разговараше за проблемите со кои секојдневно се соочуваат вработените во јавното претпријатие и за нивно итно решавање, како што е недостигот на кадри, одржување на работилници, беа разменети мислења како да се решат проблемите поврзани со другите сектори, а стана збор и за конкретни преговори за правата на вработените како што се редовна и правилна распределба на платите.
Директорот Илиевски и синдикалните претставници едногласно заклучија дека со надминување на проблемите со кои се соочуваат вработените, истовремено ќе се придонесе и за зголемување на квалитетот на услугите кои ги дава ЈСП Скопје на скопјани.