Потпишан протокол за стипендии „Борис Трајковски“ за Сити Колеџот-Солун за 2021/2022 годинa

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, министерката за образование и наука на РС Македонија, Мила Царовска и претседателот на Сити Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк, Јанис Верверидис, денеска потпишаа протокол за соработка за доделување стипендии „Борис Трајковски” за академската 2021/2022 година.

 

 

Потпишаниот протокол предвидува нивна заедничка соработка за академската 2021/2022 година со цел да се обезбедат дваесет стипендии за Пан-европската Извршна МБА програма со двојна диплома од Универзитетот Јорк и Универзитетот во Стразбур која се реализира во Солун, Грција, а во рамките на стипендиите „ Борис Трајковски“.

Секоја стипендија поединечно изнесува 14.890 евра при што педесет проценти обезбедува Владата на Република Северна Македонија, а другите педесет проценти ги обезбедува Универзитетот.

 

 

Изборот на кандидати за доделување на овие стипендии ќе биде спроведен заеднички од страна на Претседателот, Министерството за образование и наука, Меѓународната фондација „Борис Трајковски“ и „Сити Колеџот“, преку заедничка комисија составена од по еден нивни претставник, во согласност со условите за прием на Универзитетот и законските прописи на Република Северна Македонија.

Сити Колеџот во Солун, Грција од јануари 2021 година прерасна во Европски кампус на Универзитетот Јорк, кој е член на престижната Расел група на водечки универзитети во Велика Британија и една од најголемите светски институции во областа на истражувањето.

 

 

Пан-европската извршна МБА програма е меѓународна, иновативна програма дизајнирана за денешните менаџери и професионалци кои се стремат кон подобрување на своите вештини и знаења за професионален, кариерен и личен развој. Студентите по успешно завршување на оваа програма ќе се стекнат со две дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација и тоа од Универзитетот во Јорк и од Универзитетот во Стразбур.

Стипендиите „Борис Трајковски“ се доделуваат од 2003 година. Студентите коишто успешно ја завршија програмата, активно придонесуваат во развојот и растот на економијата и општеството на Република Северна Македонија. Стипендиите „Борис Трајковски“ промовираат пријателство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

Конкурсот за апликација за стипендиите „Борис Трајковски“ ќе биде достапен на веб-страницата на Министерството за образование и наука од следната недела.