Потпишана е заедничката изјава за поддршка на Студијата за валоризација на Охридското Езеро

Сподели

 

Со потпишување на заедничката изјава за поддршка на Студијата за валоризација на Охридското Езеро, градоначалниците на општините Охрид, Струга и Дебрца – Константин Георгиевски, Рамиз Мерко и Зоран Ногачески, ја потврдија подготвеноста да соработуваат во процесот на репрогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата.

 

 

Во таа прилика, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека веќе постигнуваме напредок во делот на заштита на Охридското Езеро, како една од најрепрезентативните и меѓународно препознаени природни убавини во нашата држава.

 

 

 

– Неодамна овој напредок беше препознаен и од Комисијата на УНЕСКО, кога добивме дополнителен период да постапиме по нивните препораки и да ги завршиме започнатите активности. Токму Студијата за валоризација на Споменикот на природата – Охридско Езеро и работата на Нацрт-Планот за управување, беше една од клучните активности со кои ние ја покажавме подготвеноста вистински да го заштитиме Охридското Езеро – изјави министерот Нуредини, додавајќи дека единствен начин да се постигне поставената цел е заедничкото, здружено делување на централната и локалната власт, воспоставување соработка и добра координација на локалните самоуправи.

Студијата за  валоризација на Споменикот на природата – Охридско Езеро беше предадена на општините Охрид, Струга и Дебрца со цел усвојување од страна на нивните совети и формално доставување до Министерството за животна средина и просторно планирање, за отпочнување на постапка за повтoрно прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата.

Директорот на Регионалната канцеларија на IUCN за Источна Европа и Централна Азија, Борис Ерг објасни дека реномирани национални и меѓународни организации за зачувување, во последниве неколку години, водеа истражувања во и околу Охридското Езеро, а собраните податоци се интегрирани во Студијата за валоризација за Охридското Езеро.

Меѓутоа, според него, за ефективно управување со езерото и заштита на неговите извонредни природни вредности, клучна е заедничката визија на Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија и трите општини околу Охридското Езеро во Северна Македонија, како и поддршката и соработката на граѓанските организации.

Во рамки на настанот, беше изведено и примопредавање на Сертификатот на градоначалниците на општините Охрид, Струга и Дебрца, во кој е наведено дека Охридското Езеро е внесено во светската Рамсарска листа на заштитени водни живеалишта.

 

 

Студијата за валоризација за Охридското Езеро е изработена во рамките на проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биодиверзитетот во планирањето на употребата на земјиштето“, кој е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (GEF) и имплементирана од Регионалната канцеларија на Обединетите нации за животна средина (UNEP) во Виена. Главен партнер и корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија (МЖСПП). Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за зачувување на природата за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO) беше ангажирана да го координира процесот на подготовка на клучните документи во однос на две заштитени подрачја во Северна Македонија, од кои едниот е нацрт Студијата за валоризација за Охридското Езеро, како поддршка на иницијатива за неговото повторно прогласување.