Потребни се нови дозволи за извоз на хемикалиите од ОХИС

Сподели

 

Србија, Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Швајцарија како и Македонија, треба да издадат нови дозволи за меѓународен транспорт и извоз на опасни материи, за хемикалиите од ОХИС да стигнат во инсенератор во Швајцарија. Претходната нотификација истече пред да биде завршен проектот „Отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи“ од АД „Охис“ Скопје, заради пандемијата со коронавирусот и затворањето на границите во Европа.

На 15 март требаше да се реализира и последната пратка за Швајцарија со остатокот од околу десетина тони токсични хемикалии. Се работи за 4,6 тони иницијатори и 5,2 тони непознати хемикалии кои веќе се спакувани во специјални АДР буриња и се чуваат во магацините на ОХИС подготвени за транспорт. Пред да започне пандемијата на Ковид 19, компанијата „Екоцентар 97“, која има обврска да извезе 11 хемикалии на безбедно уништување, изнесе речиси 64 тони опасни хемикалии. Во нив имаше метанол, акрилонитрил мономер, но и непознати хемикалии и тие беа уништени во „Валорек Сервисис“ инсенераторот во Базел. Во април минатата година беа санирани и 81 боца и еден контејнер под притисок со хлор. Тие беа испратени во специјализирана компанија во Србија каде што била извршена санација на оштетените вентили, а хлорот извлечен од садовите со процес на дегазација и соодветно третиран. Садовите беа исчистени од хлор и вратени во ОХИС. Последни за извоз остануваат 14 тони од опасниот винил хлорид мономер, што ќе се уништува во инсенератор во Германија.

Во моментов „Екоцентар 97“ подготвува нова документација за обнова на дозволата. Од таму велат дека се работи за обемна документација која треба да ја подготват и да аплицираат во секоја од државите.

„Транспортот беше одложен заради пандемијата, па последната пратка во моментов не може да замине за Швајцарија бидејќи истече дозволата за меѓународен транспорт и извоз. Во моментов ја подготвуваме апликацијата и сите потребни документи за вадење на нова нотификација. Се работи за многу обемна документација за која што е потребно време да се подготви“, информираат од Екоцентар 97.

Постапката за вадење на дозвола за меѓународен транспорт трае од три до четири месеци поради тоа што се аплицира во надлежните органи на сите засегнати земји. За да може опасните хемикалии да заминат од ОХИС нови дозволи ќе треба да дадат Македонија, како земја извозник, транзитните земји и земјата каде што се увезузва отпадот.

„Со оглед на глобалната ситуација со COVID-19 и фактот дека повеќето надлежни институции во земјите сè уште не работат со полно работно време, можно е да биде потребно повеќе време за завршување на административните процедури и овој процес може да трае и подолго време“, велат во „Екоцентар 97“.

Историскиот отпад во ОХИС и понатаму е темпирана бомба која се заканува на здравјето на скопјани. И кога ќе заврши извозот на овие 11 хемикалии, во дворот на некогашниот хемиски капацитет остануваат и депониите на линдан, како и остатоците од жива во погонот за електролиза. Во моментов во тек е избор на компанија која ќе ја чисти малата депонија на линдан, а ќе останат уште три, од кои едната е надвор од дворот на фабриката во излетничкото место Пеленица кај Драчево.

мета.мк