Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со претставници од Младинското здружение на глуви и наглуви „Млад знак“ и асоцијацијата „Гласни раце“. На средбата се зборуваше за финансиското работење на Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија, како и можностите за нови критериуми за распределување на буџетите со што ќе им се овозможат повеќе средства на младите за активности. Исто така беше разговарано и за значењето на толкувачите и ангажирање и обучување на нови согласно потребите на глувите лица.
Министерката на состанокот истакна дека во периодот кој што следува ќе се залага за поиновативна програма на Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија. Според неа програмата треба да содржи активности согласно потребите на младите и истите ќе можат да овозможат повеќе начини за личен развој.
Таа истакна дека во јавност ќе се споделуваат успешни приказни кои можат да бидат мотив за младите глуви и наглуви лица за поголемо општествено вклучување, затоа што државата го препознава нивниот потенцијал.
На состанокот особен фокус беше поставен и на знаковниот јазик кој според присутните треба да биде стандардизиран и воедно да бидат достапни што повеќе толкувачи за глувите и наглувите лица, со што ќе се олесни нивното секојдневие.