Пожар во бегалскиот центар на островот Хиос

Сподели

17e1ab3d-8f33-424f-aaf1-9fc4a04e9177

Нов инцидент се случи во бегалски камп во Грција. Половина од кампот на островот Хиос изгоре во пожарот што почна по протест на еден бегалец од Ирак, а кој бргу прерасна во масовен протест против лошите услови во кампот и фактот дека Грција ги држи затворени во кампот повеќе од два месеци.

Во протестот бегалците палеле корпи за ѓубре, а пожарот бргу се проширил и на шатори и на канцеларии на УНХЦР и на други невладини организации. Нема повредени, но причинета е огромна материјална штета во кампот. Полицијата приведе седум лица и еден малолетник со обвинение за причинување материјална штета.

На местото веднаш интервенирала противпожарната служба и грчки специјалци за да се смират работите и пожарот да се стави под контрола. Веднаш биле евакуирани жените и децата.

На Хиос, според официјалните владини бројки, има 2.491 бегалец, иако островот има капацитет само за 1.100 луѓе. Инцидентите на Хиос доаѓаат по минатонеделните пожари во бегалските кампови на Лезбос и на Самос, што ја покажуваат сè поголемата нетрпеливост на бегалците и на мигрантите кои се заглавени во бегалските и мигрантските центри на островите.

Речиси сите бегалци кои се на островите и се задржани по потпишувањето на договорот меѓу Турција и ЕУ за враќање назад на луѓето дојдени по 25 март, имаат поднесено барања за азил, кои бавно се разгледуваат, поради што неизвесноста за нивната судбина сè повеќе се зголемува и ескалира во зачестени судири низ бегалските центри низ земјата.

Пожар во бегалскиот центар на островот Хиос