Пратениците ги изгласаа измените на Изборниот законик

Сподели

sobranie-860x680

Пратениците вечерва со 92 гласа „за“, три „против“ и еден „воздржан“ по скратена постапка ги изгласаа измените на Изборниот законик поднесени од пратениците Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Сугарески од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.

Измените во Изборниот законик се дел од најновиот договор што четирите партии го постигнаа во средата заради излез од политичката криза.

– Законот е кус, се состои од три члена. Со оглед на тоа дека преземена е обврска помеѓу четирите политички партии да се запазат рокови, предлагам да го изгласаме денеска – рече Димовски.

Независната пратеничка Солза Грчева рече дека договореното помеѓу политичките партии е фарса и дека бројката спорни гласачи во Избирачкиот список е смешна. Според неа решението е да се направи попис а не да се прочистува Избирачкиот список.

– Фарсата со Договорот од Пржино продолжува и не знам зошто помина година дена, со нов состав на ДИК и од сето тоа што добивме? 39.500 спорни лица. Секому му е јасно дека Македонија не може да има 1.8 милиони гласачи но сите вие потпишавте договор. Не ми е јасно зошто за овие избирачи би имало активна регистрација. Ваков мајтап нема во целот свет. Цифрата е смешна. Ги повикувам овие граѓани доколку се појават на избирачко место со валиден документ, а ги нема на избирачки список да ги тужат партиите. Граѓаните се жртва на ваквиот несериозен однос – вели Грчева.

Претходно пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, предложи предлог-законот да се повлече од дневен ред поради технички грешки и да се усогласи текстот, но неговиот предлог не беше прифатен.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески, претходно на прес-конференција рече дека во договорот што партиите го постигнаа пред два дена се предвидени рокови и решенија за сите прашања, а дека СДСМ ќе инсистира тие да се испочитуваат за да има избори во декември годинава.

meta.mk