Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев придружуван од Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Бујар Османи министер за надворешни работи, Бојан Маричиќ министер за правда и државните секретари Калина Габер од Секретаријатот за европски прашања и Зоран Попов од Министерството за надворешни работи, денеска одржаа утринска брифинг средба со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во нашата држава.
На брифингот премиерот Заев во име на Владата ги презентираше стратешките приоритети во следниот четиригодишен мандат со посебен осврт на евроатланските интеграции на земјата.
Во своето обраќање Заев рече дека изминатиот мандат на Владата направи комплетен пресврт во надворешната политика на земјата, отворање и решавање на децениските спорови со соседите, членство во НАТО и го отпочна трансформацискиот процес за приклучување кон ЕУ.
„Овој мандат ќе биде посветен кон темелни реформи на целото општество. Свесни сме за предизвиците кои корона кризата ги носи, но сепак ќе останеме целосно фокусирани на реформите во правосудството, градење на нова трансформирана економија, заштита на животната средина и подобрување на животниот стандард на сите категории на граѓани во нашата земја“, изјави Заев.
„Имаме план за отворање на 80% поглавја до 2024, да доизградиме силна преговарачка структура со учество на сите чинители, креирање на буџетски програми за преговори со ЕУ. Ја зајакнуваме кадровска екипираност и ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка за капацитети за имплементација на ИПА 3“, додаде Заев.
Вицепремиерот за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски пред амбасадорите ги презентираше приоритетите на неговиот кабинет.
„Во овој мандат, ја воспоставивме оваа позиција затоа што сметавме дека е потребно да имаме директен линк помеѓу Комисијата за спречување на корупција со извршната власт според препораките на ГРЕКО од март 2019 година. Дополнително приоритет на мојот кабинет ќе биде одржлив развој и човечките ресурси. Мора да направиме чекор напред кон подобрување на образованието, животната средина, здравството но и бизнис климата за сите граѓани на нашата држава“, рече Николовски.
Новиот министер за надворешни работи, Бујар Османи ги претстави трите клучни приоритети на надворешната политика на земјата кои соодветствуваат со стратешките амбиции за засилена европска и евроатланска интеграција.
„Првиот фокус ни е секако почетокот на преговорите со ЕУ, како клучен чекор во остварувањето на нашата стратешка амбиција, полноправно членство во Унијата. Во овој дел секако очекуваме континуитет на поддршката и од нашиот стратешки партнер, САД и на останатите НАТО сојузници, кои се и наши долгогодишни поддржувачи од секој аспект. Секако, во сличен контекст очекувам да оствариме не само континуитет, туку и засилена активност во продлабочување и унапредување на добрососедските односи, засилување на мултилатерализмот и придонес во имплементацијата на сите регионални иницијативи“, посочи Османи.
Министерот за правда Бојан Маричиќ истакна дека одлуката за почеток на преговорите најмногу говори за нашата посветеност за правда и европеизација.
„Заедно со нашите партнери ќе утврдиме модел кој ќе обезбеди ефикасно и објективно прочистување на судството. Потребен е ефикасен правосуден систем кој ќе обезбеди брза борба против корупцијата со целосно почитување на човековите права. Со поддршка на нашите европски партнери ќе обезбедиме и мониторинг на судските процеси,“ рече Маричиќ.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар во име на Европската Унија ги пренесе очекувањата за брзи и квалитетни реформи но и посочи дека европските партнери на Северна Македонија остануваат доследно посветени на помош за земјата во пребродување на последиците кои настанаа од корона кризата и реформските зафати на новата Влада.
Амбасадорите ги пренесоа и честитките на нивните влади, како и очекувањата за понатамошна интензивна соработка како на билатерално, така и на мултилатерално ниво.