Претседателот на Владата Зоран Заев, по повод празникот Курбан Бајрам упати телеграма со честитки до поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед.
„Во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име, на Вам, на членовите на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани кои го чествуваат празникот, Ви го честитам големиот муслимански празник Курбан Бајрам.
Овие свети денови нека Ви бидат исполнети со дух на трпение, дарежливост, и нека Ве води желбата за меѓусебна почит, разбирање и солидарност. На овој празник на надежта и вербата во добрината на луѓето, споделете ги даровите на празникот со вашите семејства, роднини, пријатели и соседи.
Величественоста на празникот Курбан Бајрам нè потсетува на суштината на човечкото постоење, на најскапоценото нешто за сите нас, на грижата за здравјето и зачувувањето на животот и грижата за најблиските. Нека биде празникот и поттик, во периодот што следи масовно да се вакцинираме како најефикасно средство во борбата против пандемијата со КОВИД -19 и така заедно да успееме најбрзо и најбезболно да се заштитиме и да ги пребродиме нејзините последици.
Празникот на жртвувањето ни посочува вредности кои се универзални, ни испраќа благородни пораки што повикуваат на почитување и негување на нашето општество еднакво за сите, на општество во кое културните, етничките и верските различности се богатство и непроценлива уникатна вредност.
Во духот на вековната традиција на соживот и разбирање во нашата земја, дозволете да ви посакам празничните денови ги поминете во добро здравје и духовна сила!
Нека биде благословен и честит празникот Курбан Бајрам!“