Претседателот на Собранието, Талат Џафери упати честитка до верниците од католичка вероисповед кои големиот христијански празник, Христово раѓање – Божиќ го слават по грегоријанскиот календар.
“Дозволете да во мое лично име и од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија, на сите верници од католичка вероисповед кои големиот христијански празник, Христово раѓање – Божиќ го слават по грегоријанскиот календар, да упатам искрени честитки по повод овој значаен ден.
Соочени со тешката година која ја поминуваме и ние и целиот свет поради пандемијата со КОВИД-19, како луѓе се соочуваме со нашата кревкост и ранливост. Јасно е дека за надминување на овој тежок предизвик и навикнување на наметнатите промени во воспоставените навики и начин на живот потребна е огромна внатрешна, душевна сила и здраво резонирање на состојбата за тоа да се рефлектира и во добро здравје и позитивен дух. Во овие мигови, кога се ближат празниците, секој поединец има исклучително важна улога во ширењето на позитивните мисли на надеж, верба, меѓусебно разбирање и почитување, солидарност, хуманост, пожртвуваност и сплотеност. Со тоа што, сега сплотеноста се практикува на поинаков, виртуелен начин, меѓутоа, убавиот и топол збор, секако си го наоѓа патот до срцето на добронамерните луѓе.
Дозволете уште еднаш да Ви го честитам големиот празник – Божиќ, да Ви посакам да имате убави празнични денови, во топлиот семеен круг, во добро здравје, мир, спокој и благосостојба!” – честита Џафери.