Претседателот Пендаровски на Македонскиот енергетски форум 2023

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на Македонскиот енергетски форум 2023, што се одржува во Скопје во организација на ЗИП Институтот, во партнерство со Владата на РС Македонија и Делегацијата на ЕУ во Скопје, на тема „Подобрување на триаголникот Политики-Финансии-Енергетска технологија за енергетска отпорност и зелена транзиција“.

Претседателот Пендаровски говореше на панелот „Мали земји – големи транзиции: енергетско лидерство во предизвикувачки времиња“, заедно со поранешниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ.

 

 

Претседателот Пендаровски посочи дека малите држави тешко може да влијаат врз глобалната сцена и единствен начин да ги проектираат своите интереси надвор од сопствените граници е преку учество во меѓународните организации.

Во тој контекст, Претседателот ја истакна важноста од нашето членство во НАТО, потенцирајќи дека енергетиката е важен сегмент во севкупната безбедност, како и поддршката што ја добиваме од Европската Унија. Претседателот посочи дека иако сме во процес на преговори за членство и сè уште не сме формална членка, ЕУ преку своите програми ја приклучи нашата земја кон паневропскиот енергетски пазар, додавајќи дека исклучително важно за нас како мала земја која зависи од увоз на енергија, е да бидеме дел од енергетскиот пазар на континентот пред да станеме дел од Унијата.

На панел дискусијата Претседателот истакна дека глобалниот енергетски пазар е нарушен главно поради руската инвазија врз Украина и нема изгледи дека за брзо време ќе биде стабилизиран, посочувајќи дека војната во Украина истовремено ја забави и зелената транзиција. Тој посочи дека единствена шанса за малите држави е да имаат што е можно повеќе домашни извори на енергија и да бидат што е можно помалку зависни од увозот.

 

 

„Ние сме за жал се уште една високо зависна држава, со децении не е вложувано во нови енергетски капацитети, постојните капацитети што ги имаме не можат да го продуцираат својот максимум, бидејќи се истрошени и стари. Прво, мораме да ги зголемиме домашните автономни извори на енергија и второ, преку регионалните групирања, или иницијативи да влегуваме на пошироките пазари, во однос на енергијата и тоа скоро сите држави во регионот го прават. Конкретно за нас, зборувавме за ставање во функција на интерконекторот Грција – Северна Македонија“, истакна претседателот Пендаровски додавајќи дека со пуштање во употреба и на интерконекторот Грција – Бугарија, се отвора поголема можност за целиот наш регион.

Во дискусијата, претседателот посочи дека истовремено мора да се работи на јакнење на јавната свест за штедење на енергија, промена на навиките и на изнаоѓање на алтернативни обновливи извори на енергија, воедно потенцирајќи дека нашата држава во изминатите две години е лидер во растот на обновливи извори на енергија. Нашите држави, посочи претседателот Пендаровски, мора да бараат да ги уживаат привилегиите од заедничкиот европски пазар.

„Многу е значајно како една симболична политичка порака до нашите граѓаните во регионот, кога доаѓа една ваква криза, како оваа што е предизвикана од руската инвазија врз Украина, или како претходната со Ковид-19, луѓето да разберат дека ние сме де-факто членки на ЕУ, Брисел кон нас да се однесува како да сме де-факто членки, а не да каже – ќе ги имате овие привилегии на заедничкиот европски пазар, или енергетски пазар, откога ќе станете земји-членки“, апелираше претседателот.

Тој заклучи дека државите од Западен Балкан, самостојно со своите внатрешни ресурси, не можат да ги решаваат овој тип на проблеми и мораат да бидат дел од ЕУ, посочувајќи дека за жал интересот на Брисел во изминативе години драстично опадна за нашиот регион, а тоа предизвика пад на поддршката и зголемување на евроскептицизмот кај граѓаните од нашите држави.