Претседателот Стево Пендаровски, денес и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Црна Гора.
Во Подгорица, претседателот Пендаровски со највисоки државни и воени почести ќе биде пречекан од претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, по што ќе се одржат тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, пленарен состанок на делегациите на Република Северна Македонија и Црна Гора и заедничка прес конференција на двајцата претседатели.
Во рамки на посетата, претседателот Пендаровски ќе оствари средби со Здравко Кривокапиќ, претседател на Владата на Црна Гора и со Дритан Абазовиќ, потпретседател на Владата и мандатар за состав на нова Влада на Црна Гора.
Утре во Бар, ќе се одржи свечена церемонија на која претседателот Пендаровски ќе ја предаде спомен-плочата на Владимир и Косара на црногорскиот претседател Ѓукановиќ, во знак на силното пријателство и културно-историската врска меѓу Северна Македонија и Црна Гора, информираат од Кабинетот на претседателот.