Во Русија денеска се одржуваат претседателски избори на кои се чини дека сигурно Путин ќе го обезбеди својот четврти мандат.
Избирачките места во Москва беа отворени во 8 часот по локално време, откако часови претходно тоа беше направено на далечниот исток на Русија. Избирачките места ќе бидат затворени во 20 часот.
Според сите досегашни анкети, се очекува Путин да победи по четврти пат. Рускиот претседател ги повика граѓаните на Русија да излезат денес на претседателските избори и притоа истакна дека гласањето ќе ја обликува иднината на земјата.
Во трката за претседател учествуваат вкупно осум кандидати. Освен Путин, тука е лидерот на ултранационалистичката Либерално демократска партија на Русија Владимир Жириновски, долгогодишниот политичар на страната на Кремљ Сергеј Бабурин, лидер на либералната партија Јаблоко Григориј Јавлински, кандидатот на малку познатата вопарламентарна партија Комунисти на Русија Максим Сурјакин и бизнисменот Борис Титов, новинарката Ксенија Собчак и кандидатот на Комунистичката партија на Русија Павел Грудињин.
Најсериозниот противник на Кремљ, активистот и блогер Алексеј Навални, не учествува на изборите бидејќи централната изборна комисија му го одзема правото да се кандидира. Тој своите поддржувачи ги повика на бојкот.
Според податоците на изборната комисија, во Русија има речиси 109 милиони гласачи, кои ќе можат да гласаат на 97 илјади гласачки места, а во странство уште 1,8 милиони гласачи кои ќе можат да гласаат на 394 места во 144 земји.
Единственото прашање е дали гласачите ќе излезат во доволно голем број за да му дадат убедлив мандат.
Истовремено, Кремљ се обидува да ја прикаже кампањата како живописна и активна, за да се ангажираат гласачите, а Путин притоа воопшто не учествуваше на предизборните дебати, „стоејќи на страна и на високо“.
На социјалните мрежи беше почната и кампања за ангажирање на младите, во која учествуваа познати личности во Русија. Не се знае кој точно стои зад кампањите, но нормално дека се сомнева во Кремљ.