Презентиран документот „Проценка на закани од организиран и сериозен криминал – СОКТА 2021“

Сподели

 

Денеска во присуство на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Н.Е. амбасадорот Клеменс Која, шеф на  Мисијата на ОБСЕ во Скопје беше презентиран документ за Проценка на закани од организиран и сериозен криминал – СОКТА 2021.  

 

 

Во своето обраќање министерот Спасовски ја истакна важноста на овој документ како за Министерството за внатрешни работи така и за државата, од причина што тој во себе содржи широка разузнавачка слика и систематски ги идентификува заканите од организираниот и сериозен криминал во државава.

 

 

„Би сакал да потенцирам дека токму методологијата и процесот за изработка на СОКТА 2021 во целост се усогласени со циклусот на политики на ЕВРОПОЛ кои се меродавни за проценување на заканите од организиран и сериозен криминал во рамки на Европската Унија, со што успешно е продолжен циклусот кој за првпат е воспоставен во 2016 година, кога беше изработена првата проценка од овој вид. Мултисекторскиот пристап и градењето на меѓуинституционалната соработка, како и соработката со меѓународните фактори имаат клучно влијае врз севкупниот одговор на организираниот и сериозниот криминал“, потенцираше Спасовски, додавајќи дека покрај детектирање на заканите, во проценката се содржани и препораки за надминување на слабостите и предизвиците поврзани со сузбивањето на организираниот и сериозниот криминал, поради што таа има за цел да обезбеди систематска поддршка во процесот на донесување на стратешките одлуки и утврдување на приоритетите, заради постигнување на поголема ефикасност, насочување и рационално користење на ресурсите кои се на располагање во овој домен.

 

 

Од страна на Н.Е. амбасадорот Клеменс Која беше посочено дека сериозниот и организиран криминал е сè подинамичен и покомплексен феномен кој бара силен разузнавачки одговор од страна на органите за спроведување на законот во земјата и дека организираниот криминал е пречка за одржливиот развој на секоја земја. Амбасадорот Која изрази благодарност до Владата на Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи за активната поддршка во текот на процесот на изработка на извештајот за проценка на закани од сериозен и организиран криминал.