Неделава треба да пристигнат првите 250 терминали за читање на отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори, на 17 октомври. Како што најави претседателот на ДИК Александар Даштевски во неодамнешното интервју за МИА, фингерпринт апаратите треба да бидат во земјава на 25 август.
Германската компанија „Дермалог“ со која ДИК потпиша договор вреден 11 милиони евра, покрај испорака на терминалите за читање отпечатоци од прсти, ќе се грижи и за системот за нивно функционирање, како и за одржување во следните четири години односно четири изборни циклуси. Меѓу другото, вработени од компанијата „Дермалог“ треба да направат технички преглед на терминалите, како и прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик претседател на избирачки одбор, вклучувајќи и нивна обука за ракување. Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.
Граѓаните своите податоци во Избирачкиот список можат да ги проверат преку веб-страната на ДИК – www.sec.mk или на https://izbirackispisok.gov.
До 9 септември граѓаните барањето за запишување, бришење или дополнување во Избирачкиот список треба да го достават писмено до подрачните единици или канцеларии на ДИК или електронски да се обратат до Комисијата и притоа да достават соодветни докази.
Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.