Најмалку десет години затвор предвидува член 313 од Кривичниот законик на РМ за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, за што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција гони 36 лица во врска со настаните на 27 април во Собранието на Република Македонија.
Членот 313 од Кривичниот законик на РМ предвидува, тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.
Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и повеќе други лица изутринава се приведени по налог на Јавното обвинителство, потврдија за МИА од МВР.
Чавков во моментов е во Кривичниот суд каде дава исказ пред судија на претходна постапка. Од судот за МИА информираат дека во моментов и повеќе други лица се изведени пред судија на претходна постапка кој постапува по писмен поднесок од ОЈО во врска со настаните во Собранието од 27 април.
На 27 април годинава поголема група предводена од здружението „За заедничка Македонија“ кое два месеца организираше протести низ Скопје и другу градови, упадна во Собранието на Република Македонија со цел да го спречат изборот на Талат Џафери за претседател на законодавниот дом.
Според досегашните сознанија на полицијата и обвинителството, упадот се случи кога маскирани лица беа пропуштени од неколкумина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и дел од собраниското обезбедување и влегоа во салата за новинари каде конференција за печат држеше новоизбраниот претседател Џафери.
Насилниците физички ги нападнаа пратениците и новинарите, а со телесни повреди се здобија лидерот на СДСМ Зоран Заев и пратениците Зијадин Села, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Дамјан Манчевски и Максим Димитриевски. Тие беа удирани со држачи за камера по глава, а врз нив беа фрлано маси, столици и други предмети.
Пратениците беа евакуирани од Собранието со оклопни возила во доцните вечерни часови, а полицијата со шок бомби ги растера демонстрантите од собраниската зграда. Според извештајот на МВР, 70 граѓани, 22 полицајци и тројца пратеници побараа лекарска помош во болниците во Скопје.
Полицијата реагираше три часа по упадот, а тогашниот министер за внатрешни работи Агим Нухиу јавно искажа сомнеж дека директорот на БЈБ Митко Чавков намерно ја попречувал полициската интервенција.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, пак, кој претходно во телевизиско интервју повика на улични протести, за време на настаните во Собранието беше во Виена.
Два дена по настанот, беа приведена неколкумина учесници во нападот на Собранието, меѓу кои вработени во полицијата и армијата, како и поранешни затвореници осудени за тешки кривични дела.
Девет лица кои влегоа во Собранието беа обвинети за учество во толпа и од судот добија условни затворски казни. Четири години затвор, пак, доби лицето кое ја нападна Радмила Шекеринска.
Поради пропустите на полицијата, од работа беа суспендирани дваесеттина полициски службеници.
Согласно Деловникот на Собранието, пратеникот ужива имунитет од денот на верификација на мандатот до денот на неговиот престанок. Според член 53 од Деловникот за работа на Парламентот, барањето за одобрување притвор на пратеник, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.
Известувањето дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.
Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и во случај кога тој не се повикал на имунитетот.
Претседателот на Собранието, барањето за одобрување притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Претседател на оваа комисија во овој состав на Парламентот е пратеникот од СДСМ, Павле Богоевски, негов заменик е партискиот колега, Петар Атанасов, а членови Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Јохан Тарчуловски, Крсто Мукоски и Борис Змејковски. Заменици членови се Горан Мисовски, Хари Локвенец, Сашко Атанасов, Мирсада Емини – Асани, Владимир Ѓорчев, Невенка Стаменковска, Никола Попоски и Зоран Ѓорѓиевски.
Комисијата, според Деловникот, е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да го достави извештајот до претседателот на Собранието. За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.
Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, Собранието најдоцна во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето.
По известувањето за притворање пратеник, кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.
На пратеникот му престанува мандатот или може да му биде одземен мандатот само во случаите и на начин утврдени со Уставот, закон и овој деловник.
Според членот 58 од Деловникот, за пратеникот осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во трање од најмалку пет години, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната. Претседателот ова известување веднаш го доставува до пратениците.
На пратеник, кој е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, му престанува мандатот. Собранието на првата наредна седница констатира дека на пратеникот му престанува мандатот на денот кога е осуден.
За пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието доставува судот кој ја изрекол казната.
Претседателот известувањето веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно – имунитетни прашања.
Предлог за одземање на мандатот на пратеник поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието.
Претресот може да заврши со донесување одлука за одземање на мандатот на пратеникот или со заклучок дека нема елементи за одземање на мандатот на пратеникот.
МИА